Ѓоко Котевски си остана директор на затворот во Шутка, Владата уште не ја разгледала оставката

Оставката на директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски, беше испратена до Владата во февруари, но, како што беше речено тогаш, тој требаше да биде разрешен по претседателските избори. Сепак иако сме веќе 17 мај, Котевски останува на својата позиција, а владата од тогаш до денес не разгледувала кадровски прашања.

Владата не разгледувала кадровски прашања откако се распишаа Претседателските избори во земјата. Оставката на директорот на затворот во Шутка Ѓоко Котевски, ќе се разгледува на некоја од следните владини седници, кратко одговори владниот портпарол за НетПрес.

Инцидентот во кој беа натепани Мире Јанакиески и Спире Ристовски се случи поради пропусти на безбедносните протоколи. Ова се неофицијалните детали од Извештајот којшто затворската управа го подготвуваше четири дена и се уште се чува во тајност. Се најавуваат дисциплински постапки за 11-мина вработени во затворот во Шуто Оризари.

Котевски поднесе оставка до Владата на 25 февруари, четири дена по настаните кои резултираа со физички пресметки во затворот, а во кои беа нападнати притворените поранешни министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.

Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбебедување, соопштија тогаш од Истражниот затвор „Скопје“.

Како резултат на пропустите, како што е посочено, бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција.

Покрај оставката на директорот, согласно констататираните наоди во извештајот, покренати се дисциплински постапки за инволвирани лица кои ги прекршиле протоколите за работа.

Извештајот беше доставен до Управата за извршување на санкции, до Министерството за правда и до Владата за натамошно постапување.

Опозицијата побара и политичка, но и кривична одговорност од власта за инцидентите и расветлување на заканите од осудениците од Диво Насеље. Министерот Оливер Спасовски тогаш одговори – полицијата веќе работи.

Во меѓувреме нема одговорност и за вработувањето на неговата сопругата во Управата за јавни приходи. Антикорупциска допрва ќе утврдува дали работната позиција на која е вработена Катерина Котевска била утврдена поради зголемен обем на работа.