Ѓоковиќ убедлив против Вердаско за четвртфинале на Ролан Гарос

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ игра се посигурно и се пласираше во четвртфиналето на Ролан Гарос по победата над Фернандо Вердаско со 3:0. Порашениот најдобар светски тенисер убедливо, но по долги гемови го доби Шпанецот со 6:3, 6:4 и 6:2. Само првите три гема од мечот траеа 30 минути.

Србинот во четвртфиналето ќе игра против Италијанецот Марко Чекинато, кој беше подобар од Германецот Давид Гофан. Италијанецот го доби првиот сет со 7:5, за да Гофан возврати во наредниот со 6:4. Чекинато, сепак, беше убедлив во продолќението и ги освои другите два сета со 6:0 и 6:3.

Во претходните натпревари денеска во Париз двајцата најдобри млади тенисери, Александар Зверев и Доминик Тим остварија пласман меѓу најдобрите осум, но ќе играат еден против друг во четвртфиналето на Ролан Гарос.
Германецот Зверев се намачи за да го победи Русинот Карен Качанов, тоа го направи со променлива игра во пет сета. Качанов го доби првиот сет со 6:4, во вториот по тајбрејкот Зверев изедначи на 1:1. Третиот беше најслабиот сет за германскиот тенисер, го загуби со 6:3, но се врати во продолжението, ги доби наредните два сета со по 6:3 и дојде до триумф и пласман во четвртфинале.

Многу поубедлив беше Австриецот Тим кој со 3:1 го победи Кеи Нишикори од Јапонија.
Првите два сета беа преубедливи, ги доби со 6:2 и 6:0. Нишикори конечно заигра на високо ниво во третиот сет кој го доби со 7:5, но во следниот загуби со 6:4 и му овозможи четвртфинале на Тим.

Во другите четвртфинални двојки, кои се познати од вчера, ќе се сретнат Американецот Џон Иснер против Хуан дел Потро од Аргентина, како и светскиот број 1, Рафаел Надал против Марин Чилиќ од Хрватска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.