Еуромакс Ресоурцес, инвеститорот во проектот Иловица-Штука, најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, ќе ги продолжи развојните активности во регионот на Огражден. Компанијата неодамна обезбеди нова инвестиција во проектот, која според главниот извршен директор, Варшан Гокул ќе помогне да се заокружат одредени технички активности кои ќе обезбедат вработување на жители од селата кои се блиску до рудникот.
Во сопственичката структура на Еуромакс Ресоурцес има меѓународни групации кои се докажани во рударската дејност, како што е швајцарскиот гигант Трафигура. Но, и преку менаџменот и претставниците во управните одбори Еуромакс зад себе има богато рударско искуство и докажан успех во управување со проекти и изградба на рудници. Многу внимание и енергија се вложува во одржувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на животната средина и безбедноста и заштитата на здравјето на луѓето.
За стартот на најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, потребата од вработувања, како и за економскиот добробит што ќе го донесе на регионот и општо на Македонија, разговараме со Варшан Гокул, главен извршен директор во компанијата.
Перцепцијата за рудниците, која се обидуваат да ѝ ја наметнат на јавноста, е од периодот на стагнацијата на овој сектор кога преовладуваа слики на напуштени окна, непроменети технологии, застарени со децении и периоди кога се случувале хаварии. Како изгледа денес современ рудник?
Рудниците во Македонија се претежно стари, изградени во 70-тите или 80-тите години на минатиот век и долг период не било сменето ништо, тука спаѓаат и некои напуштени рудници и можеби затоа перцепцијата во јавноста е таква. Но, технологиите посебно во рударската индустрија напреднаа со брзиот развој од аспект на обработка на рудата, начин на управување со рудникот и управување со хидројаловиштата, а најважно од се одржување на корпоративна општествена одговорност и заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Ние сме меѓународна компанија која котира на берзата во Торонто и на нашите акционери најважно им е како менаџментот се залага за заштита на животната средина во околината во која работи еден ваков рудник. Работевме со експерти од факултетите во Штип и Скопје, но донесовме и експерти од Канада, Америка, Велика Британија и Јужна Африка се со цел да бидеме сигурни дека ќе се применуваат најдобрите практики и технологии достапни во современата рударска индустрија. Ќе градиме модерен рудник и соодветно ќе вложиме во преквалификација на луѓето кои би работеле, односно преку центри за обука и инженеринг ќе се подигне нивото на знаење кај локалната работна сила, а со тоа ќе добијат шанса да аплицираат за работа насекаде во регионот, на локално и на национално ниво. При оперирање со современ рудник секако најважна е заштитата на животната средина согласно националните прописи и најдобрите меѓународни практики. Многу е јасно дека подобрувањето на условите за вработување, образованието и јавната свест ги покренуваат еколошките стандарди во областа близу рударските средини, но и на национално ниво, бидејќи индустријата и институциите работат заедно за да усвојат модерни техники.
Од 2012 година со назначувањето на тимот на Еуромакс, развивме серија детални технички студии за да се дефинира точниот обем и оптималниот план за развој на рудникот.
Тоа што е многу важно за овој рудник се карактеристиките на камено насипната брана, и примената на гео-текстилната мембрана во хидројаловиштето за максимална заштита на подземните води и стабилност на самиот насип. Важно е да се напомене дека ќе нема никакво испуштање на вода во животната средина, туку ќе има реискористување и враќање на водата од хидројаловиштето назад во процесот.
Неодамна Вашата компанија соопшти во јавноста значително зголемување на инвестициите во проектот Иловица – Штука, за колкава инвестиција станува збор и на што се должи зголемениот интерес за проектот?
Точно е дека Групацијата Трафигура ја зголеми својата инвестиција во проектот за рудник за бакар Иловица-Штука за 6,9 милиони американски долари. Финансиите ќе се искористат за понатамошен развој на Проектот, односно дополнителна техничка работа, истражни активности на теренот, како и активности во процесот на добивање дозволи. Овие дополнителни активности подразбираат геотехника, дополнителни бушења, дополнителни мерења и ќе овозможат и некои почетни вработувања. Додека самата инвестиција за изградба на проектот е околу 350 милиони евра, со што ќе биде и најголемата гринфилд инвестиција во земјата која ќе донесе значителен поттик за економски раст.
Последните неколку години актуелни беа референдумите на еколошките активисти против експлоатирањето на рудaта, поради наводните опасни супстанции кои се користат во процесот на преработка на рудата. Вие се откажавте од цијанид, но какво е искуството и примерите во светот токму за овој процес?
Рудникот ќе го развиваме во согласност со сите национални закони, вклучувајќи ги и последните измени на Законот за минерални суровини.
Проектот Иловица-Штука е целосно усогласен со законските измени кои забрануваат употреба на цијанид и сулфурна киселина во процесот на преработка на рудата. Уште пред да се донесат измените на законот, во декември 2017 година, нашите најголеми акционери и Одборот на директори, земајќи ги предвид загриженоста на локалната заедница и граѓанските здруженија, одлучија овој проект да се развива без употреба на цијанид иако е безбедна и докажана технологија која се употребува секаде во светот. Притоа, во проектниот план ги задржуваме само физичките процеси на обработка на рудата, а добиениот концентрат на бакар ќе се транспортира во топилница во Бугарија.
Во однос на сулфурната киселина, таа никогаш не била предвидена да се користи во проектот.
Од особена важност е да се создаде модерен рудник кој нема да ја деградира и уништи животната средина, туку повеќе ќе создава можности за економски развој, како и подобрување на стандардите и мерките за заштита на животната средина во регионот.
Во контекстот на законската регулатива како ја оценувате онаа во Македонија и во која фаза е во моментот проектот.
Отворање рудник е многу долг процес и вообичаено трае од 10 до 15 години. Иако првите истражувања се направени во 2004 година, најголемите проектирања и ангажмани се направени од 2012 година кога сегашното раководство го презема проектот и моментално проектот е во фаза на добивање на потребните дозволи за работа и е процес кој ќе трае околу 12 месеци. Поради политичката ситуација одредени процедури беа без напредок во последните 2 години и го забавија и развојот на проектот. Нашиот Одбор на директори и акционерите ни дадоа поддршка за време на тој период и беа трпеливи но како сериозен инвеститор, мораме да бидеме свесни дека такви ситуации се можни.
Со стабилизирањето на политичката ситуација, фокусот на Владата е насочен кон економскиот развој, ова е голем проект кој ќе има огромно и забрзано економско влијание и се надевам дека Владата брзо ќе прогресира во процесот на издавање на потребните дозволи во согласност со законите.
Подготвени сме да инвестираме, подготвени сме да вработуваме и се надеваме на најбрз можен прогрес.
Што конкретно ќе значи и остварувањето на проектот за локалното население?
Една од најважните придобивки е тоа што рудникот ќе придонесе за развој на економијата и ќе донесе многу можности за вработување. Проектот ќе влијае со зголемување набруто домашниот производ за 3 отсто на годишно ниво и ќе придонесе со зголемување на извозот од 300 милиони евра на годишно ниво. Во текот на изградбата на рудникот, во првите две години, проектот ќе создаде 1.000, а подоцна 500 директни и околу 2.700 индиректни работни места во текот на 22 годишниот животен век на рудникот. Ќе плаќаме 24 милиони евра годишно за даноци и надоместоци од кои 3 милиони евра ќе се влеваат во локалните општини по основ на концесиски надомест. Со тоа, годишниот буџет на општините, расположлив за инвестиции во инфраструктурата и во развој на општината, ќе се зголеми за 40 отсто во однос на постојниот. Платите ќе се движат од 500 до 3.000 евра во зависност од позицијата.
Со стартот на операциите на проектот, за различни набавки и услуги за потребите на рудникот, во следните 22 години според проценките ќе бидат потрошени 74 милиони евра на годишно ниво во локалната и во националната економија.
Каква е Вашата релација и каков е интересот од локалното население за проектот, притоа имајќи ги активистите кои се противници на оваа идеја?
Еуромакс активно ја информираше заедницата во текот на 2018 година и организиравме јавни дебати за жителите од општините да ги запознае со сите мерки за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот. На последната дебата во декември имаше повеќе од 500 присутни поддржувачи кои сакаа да се информираат за проектот. Заедницата го разбира проектот, го разбира бенефитот и поради тоа сака рудникот да се отвори. Преку повеќе примери на рудници кои работат во светот беше илустрирана успешната коегзистенција на рударството со земјоделството.
За нас е многу важно да воспоставиме долгорочно партнерство за заеднички придобивки со локалната заедница, бидејќи ние и ќе бидеме дел од средината во наредните 25 години.
Организиравме патување за претставници од заедницата до рудник во Бугарија, и интересно е тоа што некои од луѓето кои претходно биле иселени од таму, се вратиле за да работат во рудникот будејќи работните позиции во рударството се добро платени, минималната плата кај нас би била 500 евра и ќе се движи до 3000 евра.
Од друга страна се активистите. Имавме многу јавни дебати пред камера, се обидовме да комуницираме понатаму, но тие не се подготвени да ги соочат фактите со нас. Зад нашите студии стојат врвни локални и меѓународни експерти кои гарантираат за безбедноста на проектот. Би сакале активистите со исто вредна експертиза да го докажат тоа што го тврдат, но досега тоа не се случило.