„Голден Стејт Килер“ призна низа убиства, силувања и упади во домови

358

Поранешен полицаец кој се претворил во насилен сериски злоставувач познат како „Голден Стејт Килер“ во понеделникот признал 13 убиства и многу силувања и упади во домови со кои ја тероризирал сојузната држава Калифорнија во 1970-те и 1980-те години.

Седумдесет и четиригодишниот Џозеф Џејмс ДеАнџело вината ја признал во рамките на поширока спогодба со обвинителите која го штити од смртна казна во замена за признавање на сите злосторсва коишто го сторил во 11 калифорниски окрузи. Според спогодбата во понеделникот изнесена пред судија на Вишиот суд, ДеАнџело се соочува со казна доживотен затвор без можност за условно ослободување во кое и да е време од казната.

Обвинителите објавија дека со спогодбата сакале да осигураат дека многу преживеани, но и семејствата на жртвите, сведоци и иследници да ги видат конечно решени случаите, но истовремено да бидат заштитени од натамошни правни постапки кои би можело да се растегнат уште една деценија.

„Заслужија можност, жртвите и роднините, да бидат присутни кога конечно ќе се чита пресудата. Сега пред нас е време за правдата“, изјави Ејми Холидеј, заменичка на окружниот обвинител во округот Сакраменто.

ДеАнџело, облечен во портокалово затвореничко одело, на рочиштето седел безизразно во инвалидска количка. Со слаб глас рекол дека е виновен кога судијата го прашал дали ги признава 13 тешки убиства и грабнувања. Со „признавам“ одговорил и на последователните обвинувања за силувања, грабежи, вооружени упади и други злосторства, додека обвинителтите изнесувале детали за секое убиство, сексуален напад и упад во домови.

Освен 13 убиства и грабнувања, обвинителите рекле и дека е познато дека ДеАнџело извршил речиси 50 силувања и повеќе од 120 провали во домови. Злосторничката серија којашто траела од 1975 до 1986 година, ја започнал како полицаец во два града во Калифорнија.

Неговото апсење во 2018 година стави крај на истрагите за случаите кои траеја повеќе од 40 години, за кои властите соопштија дека се конечно решени со споредба на ДНК примероци од местата на злосторствата со податоците на генеалошките веб-страници преку кои корисниците го истражуваат своето потекло.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.