Голден Стејт Вориорс е првиот финалист во големото НБА финале

Голден Стејт Вориорс е првиот финалист во големото НБА финале, после победата со 120-110 против Далас Маверикс синоќа за конечни 4-1 во конференциското финале на Запаот во најсилната кошаркарска лига.

Вориорс стигнаа до своето шесто финале во последните осум години, а првпат после 2019 година и сега на 2 јуни ќе тргнат во поход по нова шампионска титула против Мајами или Бостон Селтикс, кои во источното конференцуско финале се пред шестата пресметка, а води Бостон со 3-2 во серијата пред дуелот закажан утре наутро.

Клеј Томпсон ги предводеше Вориорс со 32 поени, постигнувајќи осум тројки, а Ендрју Вигинс додаде 18 поени со 10 скокови, додека Кевин Луни имаше 10 поени со 18 скока. Дејмонд Грин даде 17 поени со девет асистенции и шест скока, а Стеф Кари погоди 15 поени и ја доби наградата Меџик Џонсон за МВП на западната конференција.

На Далас не му помогна ни Лука Дончиќ кој заврши со 28 поени, девет скока и шест асистенции, Спенсер Динвајд даде 16 поени, а само уште Дориан Фини-Смит со 13 поени и Џелејн Брансон со 10 имаа двоцифрен кошгетерски ефект.

Вориорс уште во првиот дел направија сериозна разлика од 17 поени, а последниот обид на Далас во третета четвртина со серија од 15-2 најмногу што дојде беше на минус десет, но немаа сила за да ја направат поинтересна завршницата од мечот и да се изборат за нов меч во конференциското финале.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.