Голeaдa во Ријад, победа на ПСЖ – два гола на Роналдо, еден на Меси

Францускиот шампион ПСЖ предводен од Лионел Меси го победи тимот составен од играчите на водечките саудиски екипи Ал Наср и Ал Хилал за кој игра Португалецот Кристијано Роналдо со 5:4 во егзибициски меч во Ријад пред 60.000 гледачи.

Огромен интерес од саудиската јавност предизвика егзибицискиот натпревар меѓу екипата на „Ријад Сизн“ составена од играчи на саудиските клубови Ал Наср и Ал Хилал предводена од Португалецот Кристијано Роналдо и францускиот шампион Пари Сен Жермен на чело со Аргентинецот Лионел Меси. Сите сакаа да присуствуваат на стадионот, локалните медиуми објавија дека имало повеќе од два милиона барања однапред за билети. Француските медиуми пренесуваат дека ПСЖ за гостувањето во Ријад добил околу 10 милиони евра.

Тоа беше дури 37-то соочување на двајца фудбалери кои одбележаа цела една фудбалска ера. За жал, тоа беше можеби „последниот танц“ меѓу Роналдо и Меси. Иако се шпекулира дека по Португалецот, и Аргентинецот би можел да ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија. Договорот на Меси со парискиот тим истекува ова лето, а дел од медиумите наведуваат дека Ал Хилал е подготвен да му плаќа 250 милиони евра по сезона за да им се приклучи и да му се спротивстави на Ал Насра во чиј дрес ќе игра Роналдо.

На 37-те меѓусебни натпревари двајцата постигнаа по 23 гола, Аргентинецот победил 17 пати, Португалецот 11 пати, а девет натпревари завршиле без победник.

Одиграа најмногу натпревари во Ла Лига, 18 меча, шест пати се соочија во Лигата на шампионите, пет во Купот на Шпанија, пет во Суперкупот на Шпанија, двапати на пријателски натпревари меѓу репрезентациите, и еднаш на егзибицискиот натпревар на клубовите.

ПСЖ поведе во третата минута со голот на Лионел Меси по одличното додавање на Нејмар. Роналдо израмни во 34 минута од пенал, постигнувајќи го својот прв гол во Арабија. Само пет минути подоцна, францускиот шампион остана со играч помалку откако Хуан Бернат беше исклучен поради прекршокот над Салем Ал Даусари, кој излезе сам пред Кејлор Навас.

Сепак, и со играч помалку ПСЖ дојде до нова предност во 43 минута, а голот го постигна Маркињос. Во судиското надополнување од првиот дел, беше досуден пенал во полза на францускиот шампион, но Ал Овејс го одбрани ударот на Нејмар. Во последните моменти од првото полувреме Роналдо погоди за 2:2. Сауд Абдулхамид нафрли, а Португалецот погоди со глава.

ПСЖ во 53 стигна до нова предност. Килијан Мбапе брилијантно мина по крилната позиција, нафрли во шеснаесетникот, а Серхио Рамос со нога погоди за 3;2. Три минути подоцна веќе беше 3:3, овојпат стрелец беше Џанг Хјун-Со.

Францускиот шампион по четврти пат поведе во 60 минута откако Мбапе реализираше нов удар од белата точка. Иго Екитике во 78 го постигна петтиот гол за францускиот тим. Конечниот резултат 5:4 беше дело на Андерсон Талиска во четвртата минута од судиското надополнување.

Роналдо играше до 61 минута, а Меси, Нејмар и Мбапе една минута подолго.