Голем одрон во Улцињ, околните куќи се во опасност

Во Улцињ, Црна Гора, денеска се урна голем дел од рид во населбата Пињеч.

Како резултат на несреќата, на патот се пронајдени два автомобила, но само еден патник добил полесни повреди, а возилата се оштетени.

Поради големиот одрон, патот кон Пињеш е затворен, а така ќе биде и во наредните денови.

– Ситуацијата е сериозна, морам да го потврдам тоа бидејќи во тој момент наишле две возила – едното со двајца патници, а другото со возач. За среќа, добро поминаа. Околу 11.30 часот нашиот колега пожарникар ја забележа несреќата. Веднаш излеговме на терен во страв дека некој има под огромното свлечиште, но возачите нè уверија дека во тој момент немало возила пред нив – рече шефот на Службата за заштита, Саубих Мехмети.

Она што е важно да се истакне, вели Мехмети, е дека ситуацијата е сè уште опасна.

– Дојде до огромно свлечиште, и што е најлошо, дел од тој одрон се огромни карпи. Ако тие карпи се срушат, околните куќи се исто така во опасност. Во овој момент ништо не може да се стори додека не се смири земјата – рече Мехмети.

Како што истакна, експертите мора да бидат вклучени во отстранувањето на свлечиштето.

– Мое мислење е дека експертите мора да дојдат овде за да направат план за отстранување на тој дел од свлечиштето бидејќи без план е опасно. Треба да се активираат тешки машини и да се обезбеди целосен простор за да не направиме поголема штета – рече Мехмети.