Голем пресврт кај руската вакцина „Спутник V“, можно е да се продолжи периодот помеѓу две дози!

Директорот на Рускиот истражувачки центар „Гамалеја“, Александар Гинцбург, изрази верување дека е можно да се продолжи периодот помеѓу две дози на руската вакцина „Спутник V“ од 21 ден на три месеца, објавено е на веб-страницата на руската вакцина.

Тој рече дека продолжувањето на интервалот меѓу приемот на две дози на вакцината против Covid-19 нема да влијае на имунолошкиот одговор предизвикан од вакцината, но во некои случаи ќе го зајакне и продолжи.

Гинцбург вели дека овој заклучок произлегува од искуството од употребата на вакцини кои користат идентична аденовирус платформа и, што е најважно, од успешните кампањи за масовна вакцинација во Русија и бројни други земји.

„Како центар што ја разви вакцината, ние исто така ги поддржуваме претходните најави за продолжување на интервалот помеѓу двете дози, кои беа презентирани од реномирани регулаторни агенции како АНМАТ од Аргентина“, се посочува во изјавата на Гинцбург.

Во име на институтот, Гинцбург изрази уверување дека одлуката значително ќе ја забрза имунизацијата, имајќи ја предвид големата побарувачка кај граѓаните кога станува збор за руската вакцина.

„Сметаме дека секоја државна регулаторна агенција треба сама да одлучи дали ќе го задржи постојниот интервал од 21 ден меѓу приемот на две дози на вакцината или ќе го продолжи до три месеца“, додаде Гинцбург.