Голем шумски пожар во близина на Национален парк во грчката област Еврос

Продолжуваат напорите на грчките пожарникари да го локализираат пожарот во близина на Националниот парк Дадиа во областа Еврос, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот избувна вчера, гаснењето траеше во текот на ноќта од копно, а утрово продолжи и од воздух.

Интервенираат 291 пожарникар со девет пешадиски тима, 65 возила, четири авиони и четири хеликоптери, а помагаат и цистерни од општините.

Пожарот кај Еврос денеска е единствениот активен пожар во Грција, со оглед на тоа дека двата пожари што избија вчера во областа Илиа на Пелопонез веќе се локализирани.