Голема е листата на соучесници во криминалот со ТЕ-ТО

Во првото продолжение од истражувањето на „Лидер“ за мега-скандалот во централата „ТЕ-ТО“, се открива како преку бизнис-политичко-судска шема е направен криминал вреден вкупно 200 милиони евра, во кој оштетена е и државата.

Во вториот дел од истражувањето се објаснува улогата на сите актери во овој криминал.

Леонид Лебедев – Сопственик на „Битер-Холдинг“

Леонид Лебедев е олигарх од Русија кој според официјалните проценки тежи 1.2 милијарди долари. Во исто време, Лебедев е државјанин и на Кипар, каде што ја поседува компанијата „Битер-Холдинг“ која пак е сопственик на „Балкан Енерџи Груп“ и еден од сопствениците на централата „ТЕ-ТО“. „

„ТЕ-ТО“ е основана во партнерство со „Топлификација“ која во скандалот кој го објавивме е оштетена за огромна сума.

Во овој софистициран криминал, преку лажниот стечај на „ТЕ-ТО“. Лебедев успева од Македонија да извлече над 150 милиони евра во својата фирма на Кипар и со тоа да им наштети на акционерите на компанијата „Топлификација“ која е косопственик на централата.

Зоран Заев – Претседател на владата на РСМ

И покрај лажниот стечај со кој се извлекоа пари на седница на владата, премиерот Зоран Заев одлучи на „ТЕ-ТО“ да му се простат долгови кон УЈП. Со ова државниот буџет се оштети за 24 милиони евра.

Ова Заев го прави рамноправен соучесник.

Кочо Анѓушев – Заменик претседател на Владата на РСМ одговорен за економски прашања

Постојат индиции дека Анѓушев е еден можените иницијатори за доделување на државната помош.

Тој преку неговата компанија „ЕДС“ (која во меѓувреме ја продаде), имаше потпишано ексклузивен договор за соработка со „ТЕ-ТО“ од каде што ја откупуваше струјата.

Според одлуката за стечај на „ТЕ-ТО“, една од причините за стечајот (за кој финансиска полиција тврди дека е лажен) е тоа што цените биле крајно неповолни. Ова отвора дека тој е дел и од извлекувањето на пари од „ТЕ-ТО“.

Нина Ангеловска – Министер за финансии

Нина Ангеловска е надреден функционер во однос на Управата за јавни приходи, која прифаќа да се додели државна помош на ТЕ ТО АД со одложена наплата на долгот на ТЕ ТО АД.

Владимир Наумовски – Претседател на комисијата за заштита на конкуренција

Наумовски е човекот кој дал зелено светло за државна помош во ТЕ-ТО, односно за простување на долгот. Тој проценил дека со ова не се нарушува конкуренцијата, иако „ТЕ-ТО“ е на слободен пазар.

Одговорноста на комисијата е исклучително голема бидејќи државната помош е доделена на фирма која е учесник на пазарот на електрична енергија во државата и надвор од државата и додатно е учесник на пазарот на топлинска енергија во државата.

Сања Лукаревска – директор на управата за јавни приходи

Оваа институција е одговорна за наплата на даноците во РСМ и без согласност на оваа институција оваа помош не може да се реализира. Лукаревска го одолговлекувала наплаќањето на данокот за „ТЕ-ТО“ и со тоа овозможила тој данок никогаш да не се плати. Имено, според одлуката на владата тој данок треба да се плати за 9 години, но, Лукаревска претходно одолговлекувала па така ќе дојдеме до цифрата од 10 години – што значи застарување на долгот.

Вилма Русковска – шеф на основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

И покрај кривичната пријава од Финансиска Полиција за лажен стечај и кривичните пријави од акционерите на „Топлификација“, Русковска не отвора случај и не ги гони сторителите на лажен стечај.

Сашка Трајковска – судија во стечајниот оддел на Основен граѓански суд Скопје.

Оваа судијка во еден ден пресудила дека „ТЕ-ТО“ треба да оди во стечај, но и да излезе од стечај со отпис на долгот кој централата го има кон „Топлификација“. Со ова практично се ограбува „Топлификација“ но и македонските даночни обврзници.