Големи пожари низ речиси цел Балкан, Русија, ЈИЕ

Смртоносни пожари во делови од Југоисточна Европа, Русија, Грција и Турција предизвикаа екстремно високите летни температури и силниот ветер, со штети од стотици милиони долари и евакуација на илјадници луѓе.

Преоптоварените руски служби за итни случаи добија дополнителна помош од војската во борбата против разорните шумски пожари на истокот од земјата. Руското Министерство за одбрана соопшти дека дополнителна техничка опрема ќе биде доставена до изолираната сибирска република Саха, позната и како Јакутија. Властите велат дека 173 пожари се уште беснеат во регионот и дека ситуацијата е исклучително тешка. Повеќе од 2.500 припадници на итните служби се обидуваат да спречат ширење на пожарите.

Топлотниот бран низ јужна Европа, поттикнат од топол воздух од Северна Африка, предизвика пожари од турскиот медитерански брег до Балканот.

Во Атина, покриена со чад и пепел, беа измерени 465 микрограми гареж на метар кубен, а европските стандарди дозволуваат максимум 50. Нема струја во некои делови од градот, бидејќи пожар урна далекуводи за пренос на електрична енергија. Грчките власти наредија нова евакуација на островот Евбеја, во близина на Атина, а пожарникарите успеаја да го изгаснат пожарот во близина на местото на древните Олимписки игри, во западниот дел на Пелопонез, додека земјата три дена се бори со огнената стихија. Температурите од над 40 Целзиусови степени и силниот ветер во различни делови на земјата во последните денови предизвикаа повеќе од 150 пожари. Од вторникот на островот Евбеја, во неспоредна близина на Атина, се евакуирани неколку села. Повеќе од 170 пожарникари и шест авиони го гаснат пожарот во таа област. Две села во регионот на Пелопонез завчера беа евакуирани, бидејќи во близина на археолошкиот локалитет на античките Олимписки игри беснее пожар.

Грчките власти наложија нова евакуација на жителите во селата во северниот дел на островот Евија, кои се опкружени со големи пожари, а повредени се тројца пожарникари. Жителите и туристите во Кулурос, Марулија, Ровиес и Палаиохори мора да ги напуштат своите домови како мерка на претпазливост на вториот по големина грчки остров. Пожарникари, авиони за гаснење пожари, општински екипи и волонтери се обидуваат да го локализираат огнот кој избувна во шумата кај селото Лимни и се чинеше дека има подобрување во гаснењето на пожарот, се додека промената на правецот на ветрот повторно го запали огнот и се прошири во различни насоки. Ситуацијата е особено опасна во областа Дримонас, каде група монаси не сакаат да го напуштат манастирот „Свети Давид”, иако објектот е опкружен со оган. – Ситуацијата е многу тешка. Пламенот е висок 30 до 40 метри во борова шума, огнот го опколи манастирот. Се задушуваме од чадот, ова е кошмар, изјави манастирскиот старешина за државната новинска агенција АНА-МПА.

Во текот на изминатите седум дена, 132 катастрофални пожари беснееја во јужните и другите делови на Турција, при што загинаа осум лица, а изгореа најмалку 118.789 хектари земја. Турција се бори со најтешките шумски пожари во својата историја, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган, кога пожарот во област во југозападниот дел на земјата се прошири кон термоелектрана. – Пожарите што се случија оваа година никогаш не се случиле во нашата историја. Ова се досега најголемите пожари, рече Ердоган во телевизиско интервју. Поради високите температури и силните ветрови, пожарите принудија илјадници Турци и странски туристи да ги напуштат своите домови и хотели на брегот на Егејското Море и Медитеранот. Осум лица го загубија животот во пожарите од минатата недела. Авиони и десетици хеликоптери им се придружија на пожарникарите кои се борат со огнот на терен, но владата на Ердоган се соочи со критики за брзината на одговорот. Повеќе од една недела откако избија првите пожари, 16 од нив се уште се активни.

Пожарот во близина на Трогир во Хрватска влезе во трет ден, и притоа изгореа околу 1.600 хектари ниска вегетација. Два Канадера се вклучија во гаснењето на најголемиот пожар на брегот во последните четири години. Во текот на ноќта на терен имало 106 пожарникари со 37 возила. Засега пожарот не ги загрозува луѓето и објектите, а се проценува дека, иако изгоре голема површина, материјалната штета од пожарот нема да биде голема бидејќи главно е тешко пристапен и ненаселен терен.

Ненадејниот и пороен дожд најмногу помогна во гаснењето на серијата пожари во Херцеговина, а се уште има активен пожар во близина на Неум, што им се заканува на семејните домови бидејќи таму воопшто не заврна дожд. Како што беше потврдено од Цивилната заштита на округот Херцеговачко-Неретванската жупанија, два пожара се активни во таа област. Поројните дождови помогнаа да се изгаснат десетици други пожари што беа активни во изминатите денови.

Шумски пожар избувна во Србија во реонот на општина Чајетина, зафатена е површина од околу 50 хектари зимзелени шуми и растенија, а пожарот на Златибор беше локализиран доцна попладнето. Пожари имаше во Заовине, во Вренеши на Кокин Брод, а повторно се активираше пожарот под врвот Столац на босанската страна на планината Тара.

Едно лице загина во пожар во Ново село, на околу 50 километри од Приштина, како последица од густиот чад, соопшти косовската полиција. Жртвата била пренесена в болница без знаци на живот. Во Косово се активни уште четири пожари од вкупно 50, колку што биле кон крајот на минатата недела. Пожарите се активни во регионот на Сува Река, Призрен, Националниот парк Проклетије и Јањево, општина Липљан. зш/