Големи синдикални протести против социјалната политика на францускиот претседател

Повеќе десетици илјади средношколци, студенти, работници, службеници и пензионери протестираа во вторникот ширум Франција, првпат од почетокот на училишната година, барајќи од претседателот Емануел Макрон „помалку либерална“ политика.

Во текот на денот во цела Франција се собрале околу 300.000 лица, според податоците на еден од челниците на влијателниот синдиката CGT, Филип Мартинез, кој собирите ги оцени за успешни. Разни извори, меѓутоа, наведуваат различни бројки. Така во Париз во протесната поворка учествувале околу 11.500 луѓе според полицијата, а 50.000 според податоците на синдикатите. Стотина собири биле одржани ширум земјата. Во Нант, се собрале 5.400 демонстранти, Во Лион 4.300 и во Тулуз 3.700 незадоволници, според податоците на полицијата. Организациите на пензионерите го избраа 9-ти октомври за протест против ревалоризацијата на пензиите, кои ги оценија како незадоволувачки.

Синдикатите се надеваат дека ќе бидат организирани нови собири за да извршат притисок врз преговорите или социјалните реформи коишто ги подготвува владата на претседателот Емануел Макрон. Потребно е да се избалансира таа политика која се движи кон англосаксонскиот модел, изјавил секретарот на локалниот синдикат на CGT на собирот во Рен.

„Излудува тоа што плаќаме сѐ поголеми дивиденди на акционерите, додека болниците, училиштата и невработените ни трпат“, истакнала учесничка на собирот во Тулуз.

Обемниот план за реформи на претседателот Макрон, избран во пролетта 2017 година, предизвика низа протести досега, особено против реформите на француската државна железница SNCF, што го предизвика најдолгиот штрајк во историјата на оваа компанија.

Досега протестите не успеаја да ја принудат владата да се повлече, но популарноста на претседателот Макрон падна на најниското ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.