Големо невреме во Кавадарци, поплавени најмалку три објекти

Поројни дождови го зафатија вечерва градот Кавадарци, пожарникарите испумпуваат вода од неколку критични места. Оваа информација ја потврдија за МИА од Територијалната противпожарна единица.

Оттаму засега не можеа да кажат повеќе детали за последиците од невремето.

-Од УХМР известуваат дека невремето со поинтензивен пороен дожд, електрични празнења и засилен ветер од источните делови од Македонија се придвижува кон западните делови и се очекува да ги зафати Тиквешијата и Пелагонија, а подоцна во вечерните часови и делови од Скопската котлина ќе бидат зафатени од невреме со пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и можна појава на град, известија вечерва од ЦУК.

Кавадарци и Неготино беа општините кои и пред неколку дена беа зафатени од невреме. Во Кавадарци имаше поплавени подрумски простории, а во Неготино неколку куќи беа со оштетени кровови, имаше паднати дрвја и некое време беше блокиран патот Дуброво-Војшанци.

РЦУК – Кавадарци известува дека територијата на општина Кавадарци во период од 07:30 до 20:00 часот била зафатена со силен дожд од околу 40 литри на м2, а планинскиот дел на општина Кавадарци бил зафатен со град и дожд.

До овој момент пријавени се три поплавени објекти (приземни простории и подруми), а интервенираат ЈКП Комуналец од Кавадарци и ТППЕ Кавадарци со вкупно 30 луѓе.

-Подетални информации ќе добиеме од вонредна информација од РЦУК Велес, соопштија вечерва од ЦУК.

Фото МИА