Голоб предупреди на „информациска војна“ што доаѓа од Москва

Словенечкиот премиер Роберт Голоб предупреди во врска со руското влијание на Балканот, дека земјите од регионот мора да „направат планови“ за да се спротивстават на очигледното руско влијание врз локалната јавност и на „информациска војна“ што доаѓа од Москва.

Во интервју за Би-Би-Си, Голоб, на маргините на вчерашниот самит на НАТО во Мадрид, рече дека „делови од локалното население се сочувствителни со ставовите на Москва и затоа треба да работиме со владите на Балканот за да ги доближиме до Европски поглед“.
„Но, мора да ја пресметаме наклонетоста на населението кон Русија, да не ја игнорираме, па да најдеме дури и кревка рамнотежа“, предупреди словенечкиот премиер.

Како што пренесуваат словенечките медиуми, тој предупредил и за грешките од минатото во односот на Западот со Русија, од кои, додаде, треба да се извлечат поуки.

„Настаните во Украина можеби ќе испаднеа поинаку доколку НАТО се однесуваше кон неа како што се однесуваше кон Кина. Тоа е лекција од која треба да научиме“, изјави Голоб.

Во разговорот со словенечките медиуми за време на самитот, Голоб најави забрзување на напорите Словенија да ја достигне целта што поскоро да го зголеми финансирањето на војската на два отсто од БДП, согласно договорите во НАТО алијансата и изјави дека неговата влада ќе го промени претходниот план за да го постигне само до 2030 година.

„Верувам дека еден словенечки војник на Западен Балкан може да придонесе значително повеќе отколку во друга област за која знае помалку“, рече Голоб во врска со одбранбениот акционен план на Западната алијанса за зајакнување на нејзиното источно крило кон Русија.

Според него, тој план ќе вклучува и проценка кој член може да даде релативно поголем придонес од останатите во одредена област.

„Ова секако значи дека Словенија ќе мора темелно да ја оцени актуелната одбранбена и безбедносна доктрина, но секогаш во рамките на НАТО. Затоа што само во рамките на НАТО и преку единство на сите членки можеме да бидеме успешни во соочувањето со идните предизвици“, посочи Голоб.

Тој додаде дека неговата влада во рок од неколку месеци ќе усвои план за зголемување на буџетските средства за армијата, со цел да се прилагоди на новонастанатата ситуација и промената на доктрината за одбрана и одвраќање на НАТО алијансата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.