Головин и резервите за убедливата победа на Русија

Фудбалерите на Русија остварија убедлива победа со 5:0 (2:0) против Саудиска Арабија во првиот натпревар од Светското фудбалско првенство, кој беше одигран во четвртокот на московскиот стадион „Лужники“ пред 81.000 гледачи.

Головите на Зборнаја ги постигнаа Јуриј Газински во 12, Денис Черишев во 43 и првата минута од судиското продолжение, Артјом Дзјуба во 71 и Алексадар Головин во четвртата минута од судиското продолжение.

Иако не прикажаа особено спектакуларна игра, како што можеби навестува резултатот, домаќинот на светското првенство на отворањето оствари убедлива победа против многу слабата Саудиска Арабија којашто во текот целиот натпревар не упати ниеден удар во рамките на противничкиот гол.

Русија поведе од својата прва вистинска шанса, по изведениот корнер од левата страна кога топката дојде до Головин кој добро центрираше до Газински кој непопречен од никого од пет метри со глава ја спроведе топката во мрежата.

Саудиска Арабија по периодот од притисокот на Русите имаше поголем посед на топката, но не создадоа конкретна шанса, но две минути до заминувањето на одмор Черишев со убав гол зголеми на 2:0. Саудијците ја загубија топката на својата половина, таа брзо беше пренесена до Головин кој го проигра Зобнин, а овој ја проследи топката на левата страна од казнениот просто каде што втрча Черишев кој со финта исфрли од игра двајца противнички играчи и потоа со силен удар под пречката го совлада немоќниот ал-Маиуф. Черишев инаку во игра влезе во 24 минута наместо Алан Дзагоев кој мораше да го напушти теренот поради повреда на бутниот мускул.

На почетокот од вториот дел Саудијците ја создадоа единствената вистинска можност да го загрозат рускиот гол, кога ал-Бурајк се проби по десното крило и уфрли опасна топка по земја во петерецот, но ал-Сахлави задоцни и не реализираше за намалување на 1:2.

Во 70 минута Станислав Черчесов ја направи втората замена која се покажа како уште еден клучен момент на мечот, кога на местото од Смолов го внесе во игра Дзјува, а резервистот по точно 89 секунди минати на тревникот погоди за 3:0., Повторно одлично центрираше Головин, а корпулентниот Дзјуба несфатливо остана сам во петте метри и со глава ја заби топката во саудиската мрежа.

Во судиското продолжение од мечот Русите постигнаа уште два многу убави голови за конечните 5:0. Прво Черичев со прекрасен удар со надворешниот дел од копачката од 15-ина метри во трк го измами ал-Мајуф, а Головин својот одличен настап го круниса со гол од слободен удар од дваесетина метри.

Во вториот натпревар од оваа Група А во петок од 14 часот во Екатеринбург че играат Уругвај и Египет.