16.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Гонзалес: Заслужено одиме на Мундијалот

Mакедонската ракометна репрезентација обезбеди пласман на Светското првенство, што во јануари 2019 година ќе се одржува во Германија и Данска.

Иако во реванш натпревар од баражот Македонија на гостувањето во Клуж загуби од Романија со 26:25, сепак благодарение на убедливата победа на првиот дуел во Скопје на кој славеше со 32:24  обезбеди шесто учество на Мундијалите.

Селекторот Раул Гонзалес смета дека целта е остварена и Македонија заслужено се пласираше.

„Можеби изгледа дека беше лесно, но ние имавме контрола во целиот тек на натпреварот, дури и во ситуациите кога имавме и негатива. Имавме шанса и за победа на крај. Натпреварот беше тежок, имавме притисок, направивме грешки во играта, но играчите дадоа се од себе. Заслужено одиме на Мундијалот, затоа што бевме подобри. Романците мораа да ризикуваат со седум на шест, но Борко бранеше добро и нашата одбрана беше одлична“, истакна Гонзалес.

Мундијалот ќе се одржи следната година во Германија и Данска од деветти до 27 јануари, а Македонија противниците ќе ги дознае на жрепката на 25 јуни во Копенхаген.