Google го доби спорот против Франција во битката за ’правото на заборав’

Судот на правдата на Европската унија го отфрли во вторникот барањето на Франција построгите прописи за „правото на заборавање“ на интернетот да се прошири од Европа на целиот свет, пресудувајќи дека Google не мора да ги отстранува линковите со чувствителни лични податоци.

Спорот требаше да биде тест кој ќе покаже дали Европската унија може да ги прошири своите закони и надвор од своите граници, како и дали можат поединци да бараат отстранување на личните податоци од резултатите на пребарувањето на интернет без ограничување на слободата на говорот и легитимниот јавен интерес.

„Во моментов законите на ЕУ не ги обврзуваат операторите на пребарувачите кои ќе одобрат барање за отстранување на референца на субјектот на податоци… да ги отстранат на сите верзии од својот пребарувач. Законите на ЕУ бараат операторот на пребарувачот да ги отстрани на верзиите од својот пребарувач достапен во сите членки на ЕУ“, истакнува во образложението највисокиот европски суд.

Спорот избувна откако францускиот регулатор за заштита на приватноста CNIL во 2016 година му изрече на Google казна од 100.000 евра затоа што на барањето кое се нарекува „право на заборав“, одби да ги отсрани чувствителните податоци од резултатите на интернет пребарувањето ширум светот.

Од Google се жалеа пред највисоката француска советодавна судска инстанца кој побара мислење од Судот на правдата на ЕУ. Од американскиот технолошки гигант тврдеа дека во тој случај на примена надвор од Европа, авторитарните влади може да ја злоупотребат обврската за отстранување од резултатите на пребарувањето за да го прекријат кршњењето на човековите права.

„Од 2014 година вложуваме големи напори за да го гарантираме правото на заборавање и да воспоставиме разумна рамнотежа меѓу правата на пристап до информациите и правата на приватност. Драго ни е што судот ги прифати нашите ергументи“, порачаа од Google по објавувањето на пресудата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.