Ѓорчев: Мене слободата ми ја дадоа Илинден, НОБ и Уставот, а не Талат Џафери

Господине Џафери вие немате право дискреционо да одлучувате дали на некој пратеник од левата страна, 51 на број ќе му дате процедурално или нема да му дадете, вие имате обврска согласно деловникот на Република Македонија и согласно деловникот на овој законодавен дом, кога процедурално ќе побара пратеник тоа и да го добие и вие не можете по сопствени убедувања, расположение или добра волја да кажеде дали некој ќе добие процедурално или нема да има, ова го истакна Влатко Ѓорчев од собраниеската говорница.

-Процедурално ќе добие секој пратеник од овие 51 на број, а тоа нема да биде затоа што е тоа ваша добра волја, не затоа што тоа е ваша милост, затоа што тоа нас ни го овозможува деловникот на Собранието на Република Македонија. Господине Џафери јас имам право на слобода на говор, слободата на говор е темелно право на Уставот на Република Македонија, тоа е слобода за која се воделе битки 1000 години, мојата слобода не доаѓа од вашата добра волја, таа доаѓа од 1903, мојата слобода доаѓа од епопејата од 1941 до 1945 година, мојата слобода доаѓа од Уставот изгласан во ова собрание во 1991-та година, рече Ѓорчев.

Тој потенцираше и дека за да може да владата да функционира и да се остварат сите ветени проекти ќе треба да има раздвижена економија и раст од осум отсто годишно, а тоа не е можно.

-Не може да се обезбедат средства без инвестиции, не може да има напредок ако тие пари, даноци, не дојдат од некаде, ако не се создаде додадена вредност. Не гледам тим во новата вада што ќе го овозможи тоа, што ќе донесе нова фабрика, што ќе склучи прелиминарни договори, одлука, планови, што ќе овозможи поставување камен-темелник, градење хала, носење опрема, вработувања, истакна Ѓорчев.

Тој изрази сомнеж и во опстојувањето на коалицијата со оглед дека е обезбедено, како што рече, многу тенко мнозинство од 62 пратеника.

Ѓорчев во обраќањето упати и препораки до новите министри. – Нека ве водат реалните потрби на македонските граѓани, а не потребите на поединци во НВО секторот. Не е добро за Македонија да се воведуваат нови предмети со постмодерна идеологија. Ако тоа го сторите, ќе загубите 20.000 гласови, нагласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.