Ѓорчев: Отпишувањето на долговите за струја е дискриминација и предизборна злоупотреба

Сега токму редовните плаќачи на сопствените сметки ќе треба, како даночни обврзници преку буџетот, да ги платат и сметките на оние кои со години не плаќале.

По лавината реакции од граѓаните во врска со владината идеја за отпишување долгови за струја направени до 2005 година, денеска свој став даде и Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата реакција ви ја пренесуваме во целост:

„Господине Заев, веднаш запрете го отпишувањето 100 милионски долгови од неплатени сметки за струја.

Прво, ова е чиста дискриминација на штета на граѓаните кои редовно си ги подмируваат сметките за струја, а некои од нив дури и плаќале казни за повторен приклучок доколку не платат 2 – 3 сметки.

Сега токму редовните плаќачи на сопствените сметки ќе треба, како даночни обврзници преку буџетот, да ги платат и сметките на оние кои со години не плаќале.

Второ, ова е предизборна злоупотреба и корупција со која СДСМ и Заев преку буџетски средства сака да поткупи дел од граѓаните кои имаат неплатени сметки и со тоа да стекне политичка предност на претседателските избори.

И по двата основи оваа најава на Заев е за осуда и од истата треба да се откаже. Оваа година ќе има избори за пратеници во Европскиот парламент, но ниту Меркел, ниту Курц, ниту Макрон не нудат буџетски поткуп на нивните граѓани за да ги придобијат нивните гласови!“, напиша Ѓорчев на својот Фејсбук профил.