Ѓорчев: СДСМ ветуваше чуда во Македонија и одеднаш имаме „ништо“

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето на Вестите на телевизија Алфа, вели дека факт е оти СДСМ нема кадровска понуда и дека нема луѓе кои ќе ги реализираат огромните ветувања за живот во Македонија.

-Се работи за едно уценето, тесно парламентарно мнозинство во кое што коалиционите партнери, ДУИ и Алијансата на Албанците, на дневна основа можат да го уценуваат СДСМ. Тоа ја прави позицијата и на владата и на премиерот прилично ранлива. Поради тоа, дури сега имаме договор за заменици-министри, поради тоа доцнат сите можни именувања во владата, и поради тоа два месеци откако е обзнанета оваа коалиција немаме ниту еден единствен предлог на закон кој што ќе дојде во Собранието и кој што ќе го гласаме, истакна Ѓорчев.

Посочи дека СДСМ ветуваше чуда во Македонија кои ќе ги донесе веднаш, но оти одеднаш имаме „ништо“.

-Сите оние 200, 300, 400 експерти кои што одеднаш Македонија ќе ја реформираат, кои што ќе направат чуда во Македонија, 30 економски закони, плата 30.000 денари веднаш, тутунот 90 денари веднаш, укинување на радиодифузна такса веднаш. Значи се беше веднаш, веднаш, веднаш и одеднаш ништо, ништо, ништо, потенцира Ѓорчев.

Според него, досега не е ништо подготвено, ниту еден закон, ниту едно решение и како што вели, оваа влада буквално нема никаков план со кој ќе ги решава проблемите на граѓаните.

-Уште некое време ќе гледаме изговори, но факт е дека не можат да го испорачаат тоа што граѓаните го очекуваат, а тоа се економија, вработувања, автопатишта, намалување на невработеноста, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорчев појасни дека главната работа која е фундаментален проблем на оваа влада е што таа нема легитимитет и дека тој доаѓа исклучиво од ДУИ и Алијансата на Албанците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.