Ѓорчев: Со Столтенберг разговаравме за политичкиот прогон во Македонија

Македонија е единствената земја во Европа во која се врши жесток прогон врз опозицијата, посочиле претставниците на ВМРО-ДПМНЕ на средбата во четвртокот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев на прес-конференцијата во Собранието средбата ја оцени како конструктивна и истакна дека стратешка определба на опозицијата останува членството на Република Македонија во НАТО.

 

ВМРО-ДПМНЕ е првата партија која кажа дека Македонија треба да е членка на НАТО и Европската унија, и гласаше Македонија да учествува во сите мисии на Алијансата, посочи  Ѓорчев.

„Први бевме кои јасно дадовме до знаење дека треба да бидеме членка на НАТО и ЕУ. Ние ги поддржуваме сите чекори кон НАТО. Со Столтенберг зборувавме и за политичкиот прогон. Македонија е единствената земја во Европа во која се врши жесток прогон врз опозиција, се затвораат пратеници, полициски и собраниски службеници. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат – во Македонија нема слобода, туку режим ,па затоа апрлираме да заврши политичкиот прогон за да се создадат услови за враќање на опозицијата во Собранието“, рече Ѓорчев.

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ имаше конструктивна средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на која се разговараше за повеќе прашања, меѓу кои и стратешката определба за членството во НАТО, оцени Ѓорчев.

Во врска со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Ѓорчев рече дека е познат ставот на партијата и апелираше до власта да го прекине политичкиот прогон, односно да дојде до нормализација на политичките односи.

Координарот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека на средбата не станало збор за Законот за јазици, меѓутоа посочи дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов е повод повторно да се отвори дебата за Законот во Собранието.

„ Одлуката на Иванов треба да биде причина за поголема дебата на оваа тема и вклучување на експертите во решавањето на проблемот со името. Столтенберг беше заинтересиран за прашањето со името, но ние имаме одредени црвени линии кои нема да бидат преминати“, рече Ѓорчев.

Ѓорчев додаде дека опозицијата ги разгледува сите опции за да се покрене иницијатива пред Уставниот суд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.