Ѓорчев: ВМРО-ДПМНЕ иницира Македонија да се приклучи на иницијативата „Три мориња“

ВМРО-ДПМНЕ ќе поведе надворешно политичка иницијатива за пристапување на Република Македонија кон иницијативата „Три мориња“ во којашто членуваат дванаесет европски земји во триаголникот на морињата од Балтикот, од Црно Море и од Црно Море до Јадранското Море, а партијата ќе ги насочи своите надворешно-политички ресурси, иницијативи и контакти со цел за обезбедување на земјата нејзино полноправно членство во оваа важна регионална иницијатива, истакна во понеделникот Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се работи за иницијатива којашто покрива милион и двесте илјади километри квадратни и повеќе од 110 милиони жители. Членки на оваа иницијатива Три мориња за којашто сакаме и Република Македонија да се приклучи се следните дванаесет земји, тука се трите Балтички земји, Литванија, Естонија и Латвија, натаму средноевропските земји како што се Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, на оваа иницијатива се приклучи, исто така, и Австрија како една од истакнатите земји членки на Европската унија, натаму во оваа иницијатива се Словенија и Хрватска, како и Романија и Бугарија. Сметаме дека Република Македонија треба да биде тринаесеттата земја членка којашто ќе се приклучи на иницијативата ‘Трите мориња’. Уште неколку работи би сакал да кажам, а тоа е дека се работи за европска иницијатива истовремено се работи и за иницијатива којашто силно е поддржана од САД односно од администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Во изминатата недела делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ за време на посетата во Вашингтон, за време на средбите со претставниците на Стејт департментот на Белата куќа, како и на тинк-тенк заедницата вклучувајќи ги и средбите со конгресмените и сенаторите ја споменавме оваа идеја и оваа идеја за членство на Република Македонија во иницијативата на ‘Трите мориња’, апсолутно наидува на поддршка од Вашингтон“, истакна Ѓорчев.

Појасни дека оваа иницијатива партијата ќе ја претстави и во рамките на Европската народна партија (ЕПП),каде што членува ВМРО-ДПМНЕ и преку оваа најголема политичка фракција во Европскиот парламент, преку нивните контакти во Брисел ќе ја промовираат оваа идеја.

„Исто така, ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира и средби со амбасадорите на земјите членки на иницијативата на ‘Трите мориња’, односно сите оние кошто се акредитирани во Скопје, каде што ќе образложиме и промовираме оваа идеја. Клучните работи на којшто е концентрирана оваа иницијатива се инфраструктурните проекти, односно автопати, како и делот на енергетската безбедност и енергетските коридори. Значи, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покренува силна меѓународна иницијатива, а тоа е пристапување на Република Македонија на иницијативата на ‘Трите Мориња’ каде што членуваат дванаесет европски земји од Балтичкото преку Црното Море и од Црното Море до Јадранското Море, и во тој дел Република Македонија треба да се приклучи кон оваа групација“, додаде Ѓорчев.

Досега се одржани два самита на оваа иницијатива во 2016 година во Дубровник, а вториот во Варшава минатата 2017 година, на коишто, покрај челниците на споменатите дванаесет земји, се обрати претседателот на САД, Доналд Трамп, а третиот самит на оваа иницијатива ќе се одржи во Букурешт во текот на оваа 2018 година.