Ѓорчев: За време на владата на СДСМ цената на горивата отиде од 46 на 60 денари

Сведоци сме дека од доаѓањето на СДСМ и Зоран Заев на власт, цената на дизелот во Македонија е зголемена за 30 проценти, што истовремено дополнително е обременета со зголемувањето на акцизата од 3,5 денари по литар, изјави во вторникот на прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.

„Ги повикуваме и Зоран Заев, како премиер, и Драган Тевдовски, како министер за финансии, веднаш и неодложно да ја укинат акцизата која што ја зголемија од први јануари. Затоа што цената на бензините и на дизелот се неиздржливи за граѓаните на Република Македонија. Наследија цена на дизелот за 46 денари, а веќе денеска цената на литар дизел е 60 денари“, истакна Ѓорчев.

Посочи дека во текот на досегашното владеење на Владата на СДСМ цената на горивата се зголемила за 30 проценти.

„Значи премиерствувањето и министерувањето на Зоран Заев и Драган Тевдовски ги чини граѓаните на Република Македонија 30 проценти зголемена цена на бензинот и дизелот. Од тие причини веднаш нека ја укинат акцизата која што ја наметнаа, да се однесуваат рационално и да придонесат за растеретување на овие енормни трошоци кои што ги има секое домаќинство во Република Македонија, секое семејство, секоја транспортна фирма и вкупно економијата во целост“, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ние, рече Ѓорчев, сме во ситуација каде што постепено фаќа инфлаторната спирала и како што се зголемува цената на дизелот и на бензините така ќе одат нагоре и сите други цени, а истовремено ја имаме и онаа зголемување на акциза која што се случи, којашто е 3,5 денари од први јануари.

„Нека се откажат од тоа што го наметнаа како давачка на граѓаните нека го анулираат и нека им ја олеснат работата на семејствата, граѓаните и на стопанството“, заклучи Ѓорчев.