Ѓорчевското „корзо“ корист за граѓаните или за Наумоски?

Приоритети ќе ни бидат гасификацијата на Ѓорче Петров, изградба на нова градинка во Волково со сите неопходни стандарди и услови за ваква институција, нова амбуланта во Дексион, а ќе работиме и на враќање на „корзото“ во форма на кафитерии и мали занаетчиски дуќани.

Ова беа главните предизборни ветувања на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, пред да ја освои власта.

Сепак, по година и половина од неговото владеење, ниту се формираше јавно комунално претпријатие, ниту се изгради отворен и затворен базен, нема реновирања покриви и фасади, училишта и градинки, не се изградија паркинг простори, со исклучок на паркинг импровизацијата кај зелениот пазар во населбата, иако овие проекти Наумоски ги нарече фокус на неговата работа во наредните четири години.

Граѓаните на Ѓорче Петров сметаат дека зад „фокусот“ за средување на „корзото“ во Ѓорче Петров најверојатно стои личен интерес на градоначалникот Наумоски.

Имено, според податоците од Агенцијата за Катастар, на оваа локација право на сопственост на 31 м2 делат таткото на Наумоски, Бранко и негов роднина. Поточно тие имаат право на сопственост на по 15,5 м2 во дел од стара приземна т.н. зграда, чија вкупна површина изнесува 399 м2. Дел од таа квадратура корисниците си откупиле и сега се сопственици. Но, дел сеуште се води со право на сопственост, како во случајот на семејството на градоначалникот Наумоски.

Земјиштето, пак, под објектот и околу него изнесува 921 м2, и е во сопственост на Република Македонија.

За ова обвини и советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, која и јавно потврди дека дел од паркот во општината ќе биде искористен за изградба на станбен објект, а и дека дел од парцелата е во сопственост на Наумоски.

Таа ова го објави на статус на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Од општината ги демантираа овие тврдења, нарекувајќи ги шпекулации.

Најостро ги демантираме наводите дека е дадена маркица за зграда во реонскиот парк. Станува збор за шпекулации и груби невистини изнесени од страна на некои портали. Од паркот нема да се одземе ниту милиметар зелена површина, одговорно тврдиме. Се работи за измена на план за кој Ѓорче треба да добие вистинско градско јадро кое ќе личи, на кое ќе има Корзо со кафетерии и други организирани содржини за сите возрасти, се вели во демантот од општината Ѓорче Петров.

Ветувањето за корзото и паркот засега изгледа дека останува само ветување, а конкурсот беше распишан пред точно една година, и може да се погледнете на селдниот линк.