Ѓоргиев и Јосифов во идеалниот тим на Европската лига

Иако црвено-жолтите не успеаја да се искачат скалило погоре, односно да стигнат до шампионскиот трофеј, сепак, со прикажаните игри на осумте натпревари двајца наши репрезентативци заслужено се најдоа во идеалниот тим на лигата.

Капитенот Никола Ѓоргиев е избран за најдобар коректор, додека Ѓоко Јосифов за најдобар среден блокер.

Покрај македонските одбојкари, во „идеалниот тим“ се и тројца Украинци, Володмир Ковачук, Олексеј Клиамер и Максим Дрозд, како и Швеѓанецот Антон Вијк Тегенрот и домашниот дански одбојкар Расмус Нилсен.

Признанието „најкорисен играч на турнирот – МВП“ му припадна на Украинецот, Максим Дрозд.

Со триумфот во Европската лига селекцијата на Украина се избори за настап во Светската лига.

Македонските одбојкари и во третото свое финале во неделата вечерта беа поразени, овојпат од Украина со 3-1 во сетови на завршниот турнир што се одржа во данскиот град Гентофе.

Украинците мечот го отворија во високо темпо, а како резултат на таквата игра беа и десетте поени разлика со кои го добија првиот сет 25:15. Во вториот сет се водеше голема битка, која на крајот им припадна на Украинците со 25:22. Тоа не ги поколеба македонските одбојкари да се откажат. Напротив тие не размислуваа да се предадат па и во третиот сет одиграа на високо ниво што резултираше со намалување на предноста на противникот на 1-2 откако го добија сетот со 26:24. Во четвртиот сет црвено-жолтите влегоа дополнителни мотивирани, но сепак тоа не беше доволно да се скрши противникот кој го доби сетот со 25:13 за конечни 3-1.

Ова беше и единствениот пораз на Македонија во ова издание на Европската лига кое го заврши со седум победни, но и овојпат недоволно да се освои златниот медал.

Во дуелот за третото место одбојкарите на Шведска ја совладаа домашната репрезентација на Данска со 3-1 во сетови.