Гостински победи на Борусија и Лајпциг, Баер го урна Баерн во Минхен

Екипите на водечкиот РБ Лајпциг и Борусија од Дортмунд остварија во саботата значајни победи во 13-то голо од германското фудбалско првенство против Падеборн односно Херта, а во дербито во Минхен Баер Леверкузен го совлада со 2:1 домашниот Баерн, прекинувајќи ја серијата на Баварците од четири победи во низа.

Ова беше првиот пораз на Ханс-Дитер Флик откако на клупата на Баерн го наследи Нико Ковач. Флик во првите четири натпревари впиша четири победи – со Илимпијакос 2:0, Борусија Дорминд 4:0, Фортина 4:0 и Црвена ѕвезда 6:0 – со гол-разлика од дури 16:0. Меѓутоа, победничката серија беше прекината во дербито со „Аптекарите“ од Леверкузен.

Баер поведе со погодокот на Леон Бајлеи во 10 минута, а за Баерн израмни во 34 минута Томас Милер. Но веќе во следната минута Бајлеи повторно постигна гол и повторно на асистенција од Кевин Воланд. Домашните не успеаја до крајот да израмнат и покрај тоа што во финишот од мечот, од 82 минута гостете играа со играч помалку по исклучувањето на Џонатан Тах.

Баер Леверкузен моментално е седмопласиран со 22 бодови. Во водство е РБ Лајпциг со 27 бодови, вторпласирана е Борусија Менхенгладбах со два бода помалку но со меч помалку, а ист број бодови 25 има и третопласираниот Шалке, додека Баерн остана на четврото место со 24 бодовои.

Борусија Дортмунд на гостувањето кај Херта славеше со 2:1, остварувајќи ја првата победа во последните четири натпревари во сите натпреварувања. Гостите поведоа со 2:0 по само 17 минути игра, со погодоците на Џејдон Санчо во 15 и Торган Азар во 17 минута, а Херта намали во 34 минута преку Владимир Дерида. Во последните моменти од првото полувреме Борусија остана со играч помалку откако беше исклучен Матс Хумелс, но во вториот дел успеа да ги сочува трите бода.

Херта остана на 16-то место кое води во плеј-офот за опстанок со 11 бодови, додека дортмундска Борусија привремено е на петтата позиција на табелата со 23 бодови.

Гостинска победа запиша и моментално водечкиот РБ Лајпциг кај Падеборн со 3:2, иако веќе во првата четвртина од дуелот имаше убедливо водство од три гола, но до крајот успеа да ја сочува победата. Лајпциг поведе преку Патрик Шик уште во 3 минута, Марсел Забитцер го зголеми водството една минута подоцна а веќе во 26 минута Тимо Вернер зголеми на 3:0. Во вториот дел Падеборн успеа да намали со головите на Стрели Мамба во 62 и Каус Ѓасула во 73 минута но немаше сила за повеќе.

Падеборн останува закован на дното од табелата со само пет бода, додека РБ Лајпциг привремено е прв со 27 бодови, два повеќе од Борусија од Менхенгалдбах која во недела го игра својот дуел од 13-то коло.

Хофенхајм и Фортуна ремизираа. Домашните поведоа во 6 минута преку Андреј Крамариќ а гостите израмнија во 87 минута со погодокот на Роувен Хенингс. Хофенхајм сега е осми со 21 бод, а Фортуна е 13-та со 12 бодови.

Со истиот резултат заврши и дуелот меѓу Келн и Аугсбург, со тоа што домашните на крајот од мечот го избегнаа поразот. Домашните останаа со играч помалку во 39 година кога беше исклучен Рафаел Чикос, а бројно надмоќните гости веднаш ефектуираа во 43 минута со голот Флориан Ниедерлехнер но веќе следната минута и тие останаа со играч помалку откако беше исклучен Андре Хан. Келн успеа да израмни дури во 86 минута со голот на Џон Кордоба.

Келн остана претпоследен на табелата 17-ти со осум бодови, а Аугсбург е 12-ти со 14 бодови.

Во петокот Шалке 04 дома го победи Унион Берлин со 2:1. Колото во Бунделсигата продолжува во неделата со дуелите меѓу Борусија Менхенгладбах – Фрајбург и Волфсбург – Вердер, а завршува во понеделникот со мечот Мајн – Ајнтрахт.