Гостински победи на Јувентус и Лацио

30 June 2020. ANSA/LUCA ZENNARO

Јувентус и Лацио со гостински победи во 29-то коло од италијанската Серија А останаа на истите позиции во борбата за титулата во која девет натпревари до крајот на првенството актиелниот првак од Торино има четири бодови предност пред тимот од Рим.

Јувентус славеше со 3:1 на гостувањето кај Џенова, за која последните петнаесетина минути ги одигра капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, а сите погодоци беа постигнати во второто полувреме.

Голеадата ја отвори Паоло Дибала во 51 минута, кога се прошета низ домашната одбрана и од десетина метри го совлада противничкиот голман. Во 57 минута Перин повторно беше немоќен откако Кристијано Роналдо со силен удар од 25 метри го погоди левиот агол од неговиот гол. Во 74 минута Даглас Коста од десниот раб на казнениот простор го погоди спротивниот горен агол, а Перин само со поглед го проследи летот на топката. Три минути подоцна поразот на Џенова го ублажи Андреа Пинамонти.

Фудбалерите на римски Лацио со пресврт во второто полувреме дојдоа до победа од 2:1 на гостувањето кај Торино. Во сите три погодока учествуваше најдобриот стрелец на Лацио и на италијанското првенство Чиро Имобиле.

Прво во 4 минута топката го погоди Имобиле во раката по што беше досуден пенал за Торино кој во водство го претвори Андреа Белоти. Во 48 минута Имобиле прецизно и снаодливо израмни на 1:1, за во 73 минута да му асистира на Марко Пароло за победичкиот погодок.

Јувентус и натаму е водство на табелата со 72 бодови, четири повеќе од второпласираниот Лацио, а трет е Интер со 61 бод и меч помалку. Торино со 31 бод е на 14-то место, а Џенова со 26 бодови е на 16-то место, но само со еден повеќе од зоната на испаѓање во којашто може да се најде по комплетирњето на колото.

Во среда се на распоредот шест од преостанатите осум натпревари од 29-то коло во кои се среќаваат: Болоња – Калјари, Интер – Бреша, Фиорентина – Сасуоло, Верона – Парма, Лече – Сампдорија и Спал – Милан. Во четврток на програмата се дуелите Аталанта – Наполи и Рома – Удинезе.