Готје ја најави својата последна ревија на висока мода

Славниот моден креатор Жан Пол Готје најави во петокот дека неговата ревија на високата мода во идната среда во Париз ќе биде „последната“ по 50-те години кариера, и порача дека ќе започне нов проект со својата модна куќа.

„На 22-ри јануари 2020 година ќе прославам 50 години кариера во модата со голема ревија на високата мода во ‘Театр ду Шале’ (Theatre du Chalet). Тоа ќе биде мојата последна ревија“, наведува краторот во соопштението за медиумите кое го цитира агенцијата AFP.

„Но бидете сигурни дека куќата ‘Кутур Готје Пари’ (Couture Gaultier Paris) продолжува со проектот чиј покренувач сум јас, а кој наскоро ќе ви биде откриен“, додава 67-годишниот Готје во објавата среде париската Модна недела, малку пред почетокот на ревиите во понеделник.

Францускиот стилист, кој кариерата ја започна во модната куќа „Пјер Карден“ (Pierre Cardin) е неизбежна фигура во светот на модата, откако во 1980-те години направи пресврт во модните правила. Автор е на легендарните креации, како корсетот со зашилен градник за Мадона. Од првите колекции, Готје умешно ги испреплетуваше и мешаше родовите, сексуалноста и ерите.

Син на сметководител растен во близината на Париз, Готје од мали нозе шиел со својата баба. Креирише здолништа за мажи во 1984 година, бидејќи за него „мажот својата машкост не ја носи со облеката, туку таа му е во главата“.