Граѓаните бараат договор и резултати, смета Демократскиот сојуз

Демократскиот сојуз (ДС) го поздравува постигнатиот договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот од здравствени причини, за одблокирање на Парламентот и за постигнување договор за изборното законодавство.

– Демократскиот сојуз беше единствениот коалициски партнер во Владата кој повика на одлагање на пописот, предупредувајќи дека статистичката операција нема да биде успешна и ќе даде искривени резултати, поради тоа што многу граѓани ќе се плашат да им отворат врата на попишувачите. Договорот за одлагање на пописот до септември ќе обезбеди голем дел од населението да се вакцинира, а особено попишувачите – за што исто така се залагавме и ќе даде дополнителни гаранции за успешен попис – се вели во соопштението од ДС.

На предлог на нашата партија во Собранието, велат оттаму, се поднесени и промени на Изборниот законик според кои Македонија треба да биде една изборна единица, што ќе обезбеди услови за порамноправно и подемократско претставување на граѓаните.

– Се надеваме дека работните групи во Собранието ќе постигнат договор и околу ова прашање, како и околу нашиот предлог и за ограничување на амандманската расправа на законите на најмногу 10 дена – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.