Граѓаните ќе добијат инвертер клима, ако ја дадат печката на дрва

170

„Секој граѓанин кој ќе сака да добие сто-постотна субвенција за замена на печката на дрво со високо ефикасен инвертер, ќе потпише договор со општината каде живее и ќе се обврзе дека ќе го даде грејното тело кое е на дрва, а на сметка на тоа ќе користи високо ефикасен инвертер“, изјави заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, објаснувајќи ја новата мерка на Владата со која во износ од сто проценти од цената ќе се субвенционираат инвертер клими.

Како што рече Макрадули, со потпишувањето на договор со Општината, граѓанинот ќе се обврзе дека во неговиот дом може да се направи контрола за да се провери дали ја користи климата. За секоја злоупотреба, рече тој, ќе има санкции.

-Никогаш не е доцна за добра мерка. Оваа мерка зависи од финансиските средства и мора да се склопи како законско решение, ќе бидат предвидени стандардите, нема да дозволиме инвертери без гаранција – рече Макрадули додавајќи дека Данска субвенционирала по 530 евра за оваа мерка, Германија по 1.000 евра, а дека мерката се спроведува и во Полска, Чешка, Словачка и Бугарија.

-Предност ќе имаат ранливите семејства и зоните кои се осетливи, како Ново Лисиче. Досегашниот топлотен комфор ќе биде заменет со два инвертера, а вредноста на тој систем е околу 1000 евра – рече Макрадули.

Одлуката за висината на буџетот за спроведување на мерката допрва треба да се донесе, а приоритет ќе им се даде на жителите од најзагадените градови како Скопје, Тетово, Кичево и Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.