Граѓаните може да се жалат и да добијат надоместок ако добиваат струја со послаб квалитет

Енергетските компании се подготвени за зимскиот период кој следува, производството на електрична енергија е стабилно, испораката е сигурна, а компаниите се соодветно екипирани согласно препораките од Министерството за здравство, е заклучокот од координативна средба што се одржа на иницијатива на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО и ЕВН.

– Изминатите месеци и во време на пандемија и вонредна состојба енергетските компании функционираа координирано и синхронизирано со што енергетскиот систем остана стабилен. Ова стекнато искуството е подготовка за зимскиот период кој следува. На состанокот ЕСМ информираше дека производството на електрична енергија е стабилно. ЕВН ја гарантира сигурноста на испорака на електрична енергија и брзо отклонување на дефектите – изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Тој посочи дека Универзалниот снабдувач односно ЕВН Хоме не смее да ги исклучува од системот за електрична енергија ранливите потрошувачи во месеците декември, јануари и февруари поради неплатени фактури за испорачана електрична енергија.

– Ранливиот потрошувач има можност за одложено плаќање или плаќање на минимум шест еднакви рати доколку има доспеан долг. Исто така, ранливиот потрошувач кој е заведен во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика има право од ЕВН Хоме ДОО Скопје да бара да биде ослободен од обврска за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема – посочи Бислимоски.

Согласно Законот за енергетика, додаде, сите потрошувачи имаат право и можат да се жалат и да добијат надоместок за штета поради прекини во испораката на енергија со послаб квалитет од пропишаниот.

– Во Правилникот за определување на надоместок на штета има сет на мерки за заштита на ранливите потрошувачи при што е предвиден приоритетен третман на барањата кои ги поднесуваат ранливите потрошувачи за надоместок од претрпена штета поради несоодветен напон – потенцира Бислимоски.