Граѓаните оставиле најмалку 20 милиони евра за ковид-тестови во приватните лаборатории

Главиот државен ревизор, Максим Ацевски, во вечерашното гостување на „Телма“ изјави дека Државниот завод за ревизија утврдил дека за време на пандемијата граѓаните платиле дури 19,9 милиони евра за ковид тестирања во приватните лаборатории.
„Државниот завод за ревизија обелодени состојби кои се многу интересни, околу тоа колку одредени приватни здравствени установи оствариле промет. Земајќи го бројот на извршените тестирања за ковид-19 и применувајќи ја најниската цена на еден тест, констатиравме дека од граѓаните се одлеале 19,9 милиони евра. Дали во даден момент во услови на криза, државата требало да донесе одредена цена со која ќе ја фиксира услугата за тестирање од ковид-19, останува јавноста и надлежните органи да си утврдат за потребата од такво постапување“, рече Ацевски.
Тој исто така упати и критика до институциите дека ги занемаруваат препораките и укажувањата на ДЗР, посочувајќи го како пример извештајот кој го изготвиле пред десет години за подготвеноста на државата да се справи со евентуална пандемија.
„Во тој период, пред да имаме сознанија дека воопшто ќе се појави пандемијата со ковид-19, констатиравме дека државата во суштина има одредени слабости во начинот на справување во услови на пандемија. Дека немаме доволно сместувачки капацитети, констатиравме дека немаме доволно професионални работници кои треба да се занимаваат со оваа област, констатиравме дека нема доволно персонал, дека старосната структура на персоналот не е доволна, дека нема доволно медицински материјали, нема простори за карантин, итн. но, за жал, по тие наши препораки и укажувања, во суштина не се презеде ништо“, рече Ацевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.