Граѓанска иницијатива АВАЈА бара одложено плаќање на кредити и од небанкарски институции

Граѓанската иницијатива АВАЈА започна петиција за одложено плаќање кредити од небанкарски институции кои даваат брзи он-лајн кредити, штедилници и кредитни фондации.

Од АВАЈА сметаат дека Корона вирусот и вонредната состојба ги погодија граѓаните кои се најсиромашни и истите не може ги плаќаат сметките, да обезбедат храна за семејството, како и да ги плаќаат ратите од кредитите кон банките и другите небанкарски институции како Кредисимо, Тиго, М-кеш, Иуте, Форца, Хоризонти, Можности и многу други.

– Ги поздравуваме економските мерки што ги донесе Владата во врска со одложеното плаќање на кредити кон деловните банки, меѓутоа не се опфатени другите финансиски институции како на пример: Кредисимо, Тиго, Мкеш, Иуте, Форца, Хоризонти, Можности и други. Веруваме дека голем број граѓани имаат тековни кредити во овие институции и истите се задолжени месечните рати да ги плаќаат навремено без оглед на сегашната кризна состојба, наведуваат во соопштението.

Во време кога голем број од луѓето се невработени, отпуштени од работа, пратени на принудни одмори, не може да продаваат и се спречени да заработуваат, тие не се во можност да одговорат на барањата на небанкарските институции да ги исплатат месечните рати при што постои голема опасност населението да навлезе во уште поголема криза и сиромаштија

Од Владата бараат мерката за одлагање и реструктурирање на отплатите на кредитите за фирми и граѓани да ја прошири и да ги опфати и небанкарските институции (Финансиски институции – брзи кредити и он-лајн кредити, кредитни фондации и штедилници).

Мерката за реструктурирање на кредитите (одложување на плаќањето) на месечните рати за заеми од небанкарските финансиски институции, според АВАЈа треба да стапи на сила веднаш, бидејќи обезбедувањето основна егзистенција за семејствата треба да има приоритет, а не плаќањето на кредитот.

Според АВАЈА мерката треба да им овозможи на семејствата поголема финансиска сигурност и преживување во периодот додека трае вонредната состојба

Петицијата на граѓанската иницијатива Аваја  граѓаните можат да ја потпишат на следниот линк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.