Граѓанската непослушност како лек за болно општество

Во Велес лишено e од слобода лице што искршило поставената табла со натпис „Република Северна Македонија“. Во Охрид е скршена двојазичната табла на ПИОМ. Исто така, биле искршени двојазичните табли во Штип. Како и таблите пред спомениците од проектот Скопје 2014, со кои се појаснува нивниот хеленски карактер.

Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи одржа конференција за медиумите на која натписот „Република Северна Македонија“ над „Министерство за труд и социјална политика“ беше сменет со „Република Македонија“. И за тоа плати политичка цена.

Власта во поход да ја одбрани промената на името на државата, двојазичноста стана заложник на моќта со која располага. Ја зема судбината на еден народ во свои раце, иако никој тоа не го побара од неа. Заборави дека една работа која е трајна и непроменлива во политиката е менливоста. Дека вкусот на демократијата е вистински само доколку е зачинет со правата на граѓаните. А, станува горчлив кога за сметка на власта и привилегиите ги узирпира.

Буткајќи го проектот за обезличување на државата владеjачката партија неможе, а и не сака да види дека Македонија се соочува со се’ поизразени облици на граѓанска непослушност. Како поинаку да го објасни чинот на техничката министерка Мизрахи, која по цена да плати казна не се откажа од банерот со Република Македонија.

Можеби за власта природна е реакцијата да ги казнува оние што изразуваат граѓанска непослушност кон промената на името на државата и двојазичноста. Очигледно смета дека постоењето на легални канали за промена на правото ги прават излишни актите на граѓанска непослушност. Што значи, не треба да биде оправдана во демократијата. Притоа лицемерно сака да заборавиме како бескрупулозно ја погази вољата на народот изразена на референдум. Во нејзината демократија.

Во демократско општество многу често граѓанинот е во конфликт во однос на она што значи обврска кон државата и обврска кон својата совест. Особено во општество како нашето кое претендира да биде праведно, а продуцира политики и закони кои се неправедни. Логиката на власта е дека правото, па макар и лошо, мора да биде спроведено, зашто во спротивно се поткопува правната држава. Па така, секој оној што ќе покаже граѓанска непослушност, раководејќи се од својата совест, мора да биде казнет. Што оваа  власт го прави. И ќе го прави во иднина ако ја подржат гласачите во април.

Можеби би се согласил со ова (како правник) доколку живеев во држава која е пристојна и која следи цврсти принципи во својата внатрешна политика. Но, во ваква параспур држава каде царува селективна примена на законите, корупција, каде е разнебитен вредносниот систем и каде бескруполозно се гази по вољата на народот, сметам дека граѓаните имаат право да судат што е „право“, а што „неправо“ врз своите морални убедувања. Кога го употребувам терминот „право“ во претходната конотација, тогаш мислам на „право“ на граѓанинот да дејствува согласно своите принципи, или „право“ да ја следи својата совест.

Граѓанската непослушност значи да се следи морално праведна цел, да се има силно верување во „правото“, за да се разбуди заспаната совест на јавноста. Секако не на власта. Несоработката со злото е посилна морална обврска од соработката со доброто.

Што би рекол Мартин Лутер Кинг:

„Изразувањето на граѓанска непослушност во демократијата бара од нас да погледнеме подлабоко во законските можности за промени. Не значи дека ако тие се отворени во теоријата, а низ форми на притисок се затворени во реалноста, системот не е демократски на начин што ја прави непотребна граѓанската непослушност“.

После се’ што направи Заев и неговата влада во последниве три години, ќе мора да се (на)учиме да живееме со разните форми на граѓанска непослушност, кои ќе растат како што ќе расте незадоволството меѓу народот од апликацијата на неговите политики. Притисокот кон власта (без оглед која ќе биде по изборите во април) да се промени правото кое мнозинство народ во Македонија смета дека е неправедно ќе станува се посилен.

Власта на Заев го покажа својот „демократски“ капацитет. Апси и разрешува. Граѓанската непослушност не постои, ниту ќе постои во менталниот склоп на владеачката партија. Штом стигна до шахтите, зар некој може да помисли дека ќе дозволи да се спорат „историските“ одлуки за името, јазикот и историјата на државава. Посебно нејзиниот „државотворен“ капацитет.

Она што иритира и генерира граѓанска непослушност е политичкиот аутизам на оваа власт во заминување, за важноста на концептот на слободата, наспроти нејзиното самоволие и лицемерие да се молчи кога нивните ги кршеа правата на оние другите, а кога говореа за правата вообичаено нивните зборови беа зачинети со цинизам и потсмев.

Граѓанската непослушност може да придонесе за поголем ред и постабилен правен систем, помагајќи да се отстранат причините за негово нарушување. А, причините се така длабоко пенетрирани во националното ткиво на македонскиот народ што граѓанска непослушност не може да не биде оправдана во однос на нејзиниот придонес кон законот и редот. Затоа никој, ама баш никој не смее да го одрече моралното право на секој граѓанин да изрази граѓанска непослушност, ако низ ненасилен чин се обиде да ги убеди своите сограѓани дека правото треба да се промени, бидејќи е неправедно. Како што тоа го направи техничката министерка Мизрахи.

Зашто пасивно да го прифатите злото… без да протестирате против него, значи да соработува со него.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.