Ќе се прави ребаланс на буџетот поради зголемувањето на платите во јавниот сектор и исплата на К-15 за 85.000 вработени

– За 85.000 вработени во јавниот сектор постигнавме денес со синдикатите договор во рамките на колективниот договор. Тука влегуваат сите вработени во државна асминистрација на централно ниво, буџетските корисници и во установите. Буџетот годинава ќе има ребаланс и тука имаме два основи, милијарда и 400 денари во однос на пораст на платата, заклучно со септемвриската. Опфатени се три плати и се однесува за к-15 кое го зголемивме на 10.000 денари. И тоа го немаше во буџетот и со ребалансот ќе го ставаме дополнително. Ќе треба да намалиме од одредени ставки и очекуваме приходите да се реализираат – вели министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата 24 анализа.

Во врска со јавниот долг рече дека инфлацијата го намалува долгот. Кредиторите губат од тој процес, а процентите покажуваат тренд на намалување на дефицитот.

– Во овој дел остануваме на тоа да се почитуваат реформите што ги правевме со законот за буџети и во јавните финансии. Во период на криза го одржуваме тоа. Должничката состојба е стабилна, јавниот долг е на ниво на одржливо решение. Буџетскиот дефицит од 2020 има тренд на намалување и раст на капиталниот – рече Бесими.

Во однос на граѓанската обврзница рече дека на 13 јули ќе има аукција на првата граѓанска обврзница.

– Ние имаме објавено проспект на 615 милиони денари или околу 10 милиони евра, дополнително ќе имаме наесен две аукции и околу 50 милиони евра во денарска протвредност очекуваме преку оваа обврзница . Ова не е главната мотивација за финансирање на буџетот. Сакавме други ефекти да постигнеме и да го развиваме пазарот на капитал за граѓаните да може да користат инструмент за финансирање, кој ќе нуди и други ефекти. Ќе се прошири нивното портфолио со една безризична обврзница, – рече Бесими.