Граѓанскиот сектор реагира поради пренамена на средства за животна средина од Буџетот

Дваесет и две граѓански организации испратија писмо до Владата и до претседателите на државата и на Собранието, во кое посочуваат дека суштинската, доследна и континуирана примена на транспарентност и добро управување е најважна во овие тешки времиња, за да не се повредат човековите права, кревкото владеење на правото и демократското донесување одлуки присутни во нашето општество. Тие, како што се наведува во соопшението испратено од WWF Adria, реагираат за пренамена на средствата за животна средина од Буџетот.

-Граѓанските организации разбираат дека нашата Влада работи во екстремни услови. Сепак, тие ја повикуваат Владата да го одложи секое донесување одлуки што не е моментално релевантно за здравјето и безбедноста на луѓето, за кое не може да се обезбеди значајна транспарентност и учество, се посочува во соопштението на WWF Adria.

WWF, Еко-свест, ИДСЦС, Фондација Отворено Општество, Македонска платформа против сиромаштија и други организации даваат неколку препораки кои би можеле да ја забрзаат промената кон економијата која е климатски неутрална и која го штити и обновува нашиот природен свет, здравје и благосостојба.

Организациите ја повикуваат Владата да се поддржи и зајакне имплементацијата и финансирањето на постојните еколошки стандарди и политики за решавање на климатската криза, загуба на биолошката разновидност и загадување на животната средина.

-Буџетот за ваквите проекти не смее да се крати и пренаменува, да се направи сериозна инвестиција во подигнување на свеста и едукација за човековите права, одржливиот развој и заштитата на природата, зајакнувајќи го нашето општество да се соочи со идните предизвици, нагласуваат организациите.

Граѓанскиот сектор повикува да се направи распределба на стимулативни фондови условени од примена на мерки од Европскиот зелен договор и Парискиот договор, со цел да се придвижи трансформацијата на нашата економија кон одржлива. Да се покренат сериозни одржливи иницијативи во согласност со јавниот интерес и да се даде поддршка на (локалните) граѓански организации, се наведува во соопштението доставено од WWF Adria.