Град Скопје: ДИЖС да си ја врши работата согласно со надлежностите

Град Скопје  ги отфрла наводите  од денешната информација на  Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) за, како што соопштува,  ширење лажни информации и клевети во врска со истекувањето на солна киселина во околината на фабриката МЗТ.

Во соопштение од Град Скопје информираат за извршениот вонреден инспекциски надзор на таа локација.

-На 01.12.2019 година (недела) по пријава од  советник во Општина Гази Баба за непријатен мирис со надразнувачко дејство во околината на фабрика МЗТ, дежурните екипи на Инспекторатот на Град Скопје веднаш реагираа и го пронајдоа сторителот. Се работи за правен субјект што работи со прекурсори, а на лице место е констатирано дека се работи за истекување на солна киселина од цистерна, проследено со непријатна миризба и пареа и веднаш се преземени итни мерки за спречување на понатамошно истекување, стои во соопштението.

При вонредниот инспекциски надзор, се дополнува, од страна на овластениот инспектор за животна средина е побарано од правниот субјект да достави елаборат за заштита на животната средина, но било констатирано дека правниот субјект не поседува елаборат за што е направен записник за понатамошно постапување.  Од Град Скопје кон соопштението е приложен и записникот кој е потпишан од сопственикот на компанијата.

– Град Скопје во целост ги отфрла наводите на ДИЖС за ширење лажни информации и клевети и сакаме да нагласиме дека станува збор за професионално и навремено извршување на работните задачи на Инспекторат на Град Скопје со цел спречување на поголема еколошка хаварија што би можела да биде предизвикана во овој случај. Согласно со законските прописи, надлежноста за постапување кај овој тип производствени капацитети е под Министерството за животна средина и просторно планирање. Од тие причини, Град Скопје го повикува ДИЖС да си ја врши работата согласно со надлежностите во интерес на заштитата на животната средина и за зачувување на здравјето на граѓаните, наведуваат од Град Скопје.

Инспекторатот на Град Скопје, се додава, е отворен за соработка со сите надлежни институции, кога е во прашање заштитата на животната средина, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.