Град Скопје не му дава сала на женскиот ракометен шампион

Женскиот ракометен шампион на Македонија, екипата на Ѓорче Петров се соочува со проблеми – нема сала за тренирање. Со ваквиот проблем се соочуваат уште неколку клуба кои ја користат салата на училиштето „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров.

Но, нови проблеми им чукаат на врата откако Град Скопје им најави вонреден инспекциски надзор, наместо да бидат слушани нивните проблеми.

„Девојките од ЖРК Ѓорче Петров одржаа тренинг на отворено игралиште како во 60-тите години“.
„Ниту една измислена бирократска процедура (за нечии интереси), ниту закани преку инспекции, ниту заклучени сали нема да ги спречи „лавиците” да го продолжат успешниот ракометен пат. Доста е! Време е!“, објавија на Фејсбук од клубот.

„Ѓорче Петров ЖРК има потреба да даде детално објаснување за проблемите со термините и затворањето на салата „Ѓорче Петров”, која се наоѓа во склоп на гимназијата „Кочо Рацин”. Имено, советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука со која на сениорскиот тим на Ѓорче Петров ЖРК му се доделува термин од 2 часа во ООУ „Тихомир Милошевски”, се со цел да се оддржи шампионскиот ритам и достојно претставување како во националното така и на европските натпреварувања. Затворањето на салата „Ѓорче Петров” во гимназијата „Кочо Рацин” доведе до состојба младинските категории (пионерска, кадетска и младинска) да немаат каде да ги одржуваат тренинзите. Сакаме да напоменеме дека пионерската екипа на Ѓорче Петров ЖРК е шампион на Македонија изминативе две натпреварувачки години, а и оваа година е на добар пат по трет пат да ја освои шампионската титула. Исто така, кадетската и младинската екипа се на врвот на табелите и голема е веројатноста да станат шампиони во своите категории. Доколку не се реши оваа настаната ситуација ќе бидеме принудени да ги распуштиме младинските категории.

Сите спортски клубови кои што се во Општина Ѓорче Петров испратија барање за користење на салата до градоначалникот на Град Скопје и секретарот на Град Скопје, но, наместо позитивен одговор добија вонреден инспекциски надзор.
Во прилог е барањето и мејлот за вонредниот инспекциски надзор“.

Денеска, пак, во просториите на Ракометната федерација на Македонија беше извршена жрепката за редните броеви на екипите од Женската лига што ќе играат во плеј-офот и плеј-аутот.

Системот на натпреварување оваа сезона е поинаков во однос на ланскиот, па сега се сметаат натпреварите и бодовите што екипите веќе ги одиграле со ривалите од истата група.

Во првото коло од плеј-офот, бранителот на титулата Ѓорче Петров ќе гостува во Битола кај Пелистер, додека вицепрвакот Куманово е домаќин на Овче Поле СУ. Дербито на колото ќе биде двобојот меѓу Вардар и Металург.

Првите натпревари ќе се играат на 11/12 март.

Женска лига, плеј-оф, 1 коло:

Куманово – Овче Поле СУ
Чаир – Стружанка
Пелистер – Ѓорче Петров
Вардар – Металург

Ѓорче Петров е на прво место на табелата со 18 бода пред Металург, Чаир и Вардар со по 12.