Град Скопје пак ќе субвенционира купување на велосипеди и електрични тротинети

Советот на Град Скопје на денешната 68-ма седница ги изгласа предлог-одлуките за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2021 година за купување велосипеди во 2021 година.

Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

– Доделувањето на поединечната субвенција се врши врз основа на доказ дека е извршено купување на електричен тротинет од РСМ, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 1 јануари 2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за доделување на поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети, при што задолжително е тротинетот да е целосно отплатен. Плаќањето на рати не се прифаќа – се вели во соопштението.

За субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје при купување електричен тротинет се обезбедени финансиски средства во Буџетот на Град Скопје за 2021 година, со вкупен износ од 1.500.000,00 денари.

Максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

– Доделувањето на поединечната субвенција се врши врз основа на доказ дека е извршено купување на нов велосипед од Република Северна Македонија, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 1 јануари 2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за доделување на поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди, при што задолжително е велосипедот да е целосно отплатен. Плаќањето на рати не се прифаќа – стои во соопштението од Градот.

За субвенционирање на граѓаните при купување велосипед се обезбедени финансиски средства во Буџетот на Град Скопје во 2021 година, со вкупен износ од 8.500.000,00 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.