Град Скопје со реакција на соопштението на СДСМ за укинување на мерките за аерозагадување

Мерките и препораките за подобрување на состојбата со загадување на воздухот се активираат согласно со Законот за квалитет на амбиентниот воздух и по добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање дека прагот на квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат.

Подобрувањето на состојбата во однос на загаденоста на воздухот значи и прекин на бесплатниот јавен превоз во градот Скопје. Оваа мерка е дел од пакетот интервентни мерки во деновите кога е енормно аерозагадувањето.

Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се согласно со Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки се на сила се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар.

Така што срамни се обвинувањата од СДСМ, дека градоначалничката Данела Арсовска со своја одлука го укинала бесплатниот јавен превоз. Согласно со Закон мерките се стопираат кога просечното загадување ќе биде под 100 микрограми на кубен метар, како што е случајот сега, според известување добиено од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Одделение за односи со јавноста и информации за граѓаните на Град Скопје