Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ отпочнаа и реализираа проекти вредни 120 милиони евра

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето воведно обраќање на „Саем на промени што носат иднина“ истакна дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за само 1 година од мандатот отпочнаа со градба или реализираа проекти во вредност од 120 милиони евра (7.458.790.588 денари).

– Значи 120 милиони евра тежат проектите за нови булевари, паркови, нови градинки, училишта и редица други проекти. Од најголемата до најмалата општина. Еве како се инвестирани тие пари:
Во истите тие општини се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра (2.246.110.874 денари). За градба или реконструкција на водоводни и канализациски мрежи за една година се отпочна со инвестициски циклус вреден од над 20 милиони евра (1.278.181.531 денари). Во едни тешки околности на сеопшта криза се започна со решавање на проблемот со недостиг на детски градинки. Денес речиси и да нема општина каде нема дополнет капацитет или градба на нова градинка, или приспособување на просторни услови за тоа. За само една година се почна со градба или реконструкција на градинки во вредност од над 9 милиони евра (560.303.732 денари). И свесен сум дека ова не е доволно, но е добар почеток на решавање на еден децениски проблем. И образованието е наш приоритет. За градба или реконструкција на основни училишта се инвестира над 19 милиони евра (1.182.138.188 денари). За нови паркови и зелени површини се почнаа инвестиции во вредност од речиси 4 милиони евра (234.506.064 денари), додека за зачувување на животната средина и проекти од оваа област се инвестираат нови 2 милиони евра (118.055.948 денари), објасни тој.

Мицкоски посочи дека се инвестира и во културата и ранливите категории граѓани.

– За нови културни домови, за реконструкција на културни знаменитости и инвестиции во културата се вложуваат речиси 2.5 милиони евра (148.933.374 денари), додека пак за спорт и спортски објекти за најмладите се инвестира над 7 милиони евра ( 435.749.593 денари). Не се заборавени и ранливите категории граѓани, за кои низ различни програми и намени се даваат речиси 1.5 милиони евра (91.780.030 денари). За конкретните проекти ќе чуете во отчетите по ова мое обраќање на овој политички саем, кој се одржува за прв пат во нашата земја, рече тој.

Мицкоски истака задоволство од постигнатото.

– И секогаш може повеќе и барам повеќе. Но ова е одличен резултат кој е гаранција дека промените ќе бидат уште поголеми и уште позначајни. Овие резултати се однесуваат на над 40 општини во кои победата ја имаше ВМРО-ДПМНЕ, без Градот Скопје, каде прашањето за одбрана на принципите и нашето стојалиште да не ја изиграме довербата на граѓаните кога тоа веќе многу лесно го прави првиот човек на Градот, продолжува да биде границата од која нема да се повлечеме и моралот и вредностите што ги браниме. Одбраната на тие принципи се нашето право и должност, затоа што ветивме работа, наместо неспособност, ветивме резултати наместо стагнација, децидно додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.