Градоначалникот на Боговиње доби кривична, градел без одобрение

СВР Тетово поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Боговиње, Аљбон Џемаили, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против правно лице од с.Боговиње, сопственост на 51-годишниот  М.А. од с.Боговиње, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, наведено е во соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Првопријавениот, во текот на јули 2020 година, како градоначалник на општина Боговиње, постапил несовесно во вршење на својата службена должност и овластување и, спротивно на законот, овозможил почеток на изградба на водовод за потребите на граѓаните на с.Синичане, тетовско, без да обезбеди потребна документација и одобрение за отпочнување на градба. Притоа, во име на општината, преку Јавното комунално претпријатие, Џ.A. дал насоки да се ангажира економскиот оператор, односно второпријавеното правно лице, чиј сопственик M.A., иако знаел дека за изградбата на водоводот не постои одобрение, го прифатил ангажманот и започнал со градежни активности“, се вели во соопштението на МВР.