Градоначалникот на Гази Баба со полиција се вози во автобуси на ЈСП

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, соопшти дека заедно со полицајци од полициската станица Гази Баба се качил во автобус со број 65 од Автокоманда до Стајковци, релација, на која често пати добивал поплаки дека се случуваат тепачки или физички напади врз деца кои одат или се враќаат од училиште.

„Се сретнав со средношколци, но и со граѓани, родители, со кои разговаравме за немилите настани кои минатата недела се случуваа во овој автобус и мојата порака до сите беше: насилството мора да запре! Полициски патроли ќе има во автобусите сѐ до целосно надминување на ваквите проблеми“, напиша Стефковски на Фејсбук.

Тој минатата недела јавно ги информираше институциите дека во континуитет се случуваат инциденти во автобусите на ЈСП кои поминуваат од Ченто, преку Сингелиќ до Стајковци и упати официјален допис до полициската станица со кој информира за насилството и побара присуство на полиција во автобусите.

Воедно, на седница на Советот за превенција биле поканети и преставници од месните заедници Сингелиќ и на надлежни институции кои по функција се членови на Советот.

„Секоја институција ќе ги исполнува своите надлежности, само така системот целосно ќе функционира и ќе можеме да превенираме немили настани. Апелирам до младите и до нивните родители да се разговара за проблемите за да не ни се повторуваат“, напиша Стефковски на Фејсбук.