Градоначалникот Ѓорѓиевски на средба со фудбалските клубови од Драчево

За подобри резултати во спортот, неопходни се вложувања во развојот на спортот и спортската инфраструктутра, беше заклучокот од средбата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски со раководствата на трите фудбалски клуба од Драчево.

Тие ги презентираа своите планови, потреби, но и очекувањата кои ги имаат од ФК ССК,  ФК Партизан Фудбал Кидс и ФК Драчево Јуниор во претстојниот период. Од страна на првиот човек на Кисела Вода добија уверување дека фудбалските клубови ќе ја имаат поддршката од Oпштината и дека активно ќе се работи во обезбедување на потребните услови.

„Наша обврска како локална самоуправа, но пред се’, желба, е да инвестираме во развој и етаблирање на спортот во општината. При средбата со раководствата на трите фудбалски клубови од Драчево, сакав да ја видам целосната слика, во прво лице да слушнам што им е потребно, да се информирам за нивните барања и цели. Ги уверив дека можат да сметаат на мојата поддршка како градоначалник и дека во периодот што следува Општина Кисела Вода активно ќе работи на унапредување на спортската инфраструктура, на реновирање и одржување на фудбалските терени, на обезбедување финансика поддршка на клубовите со цел да се овозможи нивно непречено, континуирано работење. Спортот е основа за здрав живот и психо-физички развој кај младите лица. Оттука, сметам дека инвестирањето во неговиот развој и омасовување е неопходност и ќе биде мој врвен приоритет“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски на средбата.