Градоначалникот Ѓорѓиевски од денес е член на возобновената библиотека “13 ноември” сместена во Домот на Култура “Билјана Беличанец”. Заедно со директорката на градската библиотеката “Браќа Миладиновци” во чиј состав функционира клонот “13 ноември”, Снежана Стојчевска, го разгледаа просторот и книжевниот фонд од околу 8000 изданија кој им се нуди на читателите.
-Големо е моето задоволство што успеавме во уште една значајна цел која долго време беше наша визија за Домот на култура “Билјана Беличанец”. Пред само еден месец, на ова место го возобновивме киното кое во минатото било симбол на овој дел од градот, но како што уште тогаш најавив, нашата задача е овој простор во целост повторно да го направиме центар на културниот живот во општина Кисела Вода. Ова секако подразбираше и да ја возобновиме библиотеката која тука функционирала обединувајќи ги вљубениците во пишаниот збор. Благодарение на соработката со градската библиотека “Браќа Миладиновци”, за што посебно сакам да се заблагодарам на директорката Снежана Стојчевска, жителите на општина Кисела Вода повторно го имаат овој простор за себе. Возобновената библиотека “13 ноември”, која функционира во рамките на градската библиотека “Браќа Миладиновци” на читателите од Кисела Вода им обезбедува широк спектар на литературни дела, од класични до современи, од едукативни, стручни до забавни. Со богат библиотечен фонд од околу 8000 наслови, тука вклучувајќи лектирни изданија, стручната литература и светската популарна белетристика која постојано ќе се надополнува со нови наслови, за да ги задоволиме потребите и интересите на сите наши читатели. Посебно сакам да нагласам дека на располагање има и многу детска литература, бидејќи сме свесни дека љубовта кон читањето треба да се всади уште од најраните години. Дополнително, овој простор ќе биде искористен за друга културна програма-креативни работилници, литературни читања, промоции на книги, средби со автори, со што очекувам дека библиотеката ќе биде честа дестинација на сите наши жители. Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник продолжуваме со заложбите за доближување на локално ниво сите форми на култура и уметност до нашите жители, бидејќи културата е душата на општеството, неопходна за неговиот напредок и вредност-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
-Сакам да упатам огромна благодарност до Општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој многу краток рок одговори на нашето барање што резултираше со повторното отворање на оваа библиотека. Се надевам дека и останатите општини ќе го следат овој пример и ќе ги подобрат условите на библиотеките во нивните општини или онаму каде што нема, ќе обезбедат простории соодветни за библиотеки и со тоа ќе излезат во пресрет на граѓаните. Нашата клучна заложба е доближувањето на книгите до читателите. Секако тоа го правиме преку нашите библиотекари и затоа е многу важно да имаме сооветни услови за работа-изјави директорката на ЈУ Градска библиотека “Браќа Миладиновци” Скопје, Снежана Стојчевска.
Повторното отворање на библиотеката „13 ноември“ после 15тина години претставува продолжување на библиотечната дејност на територијата на Општината или на традицијата долга повеќе од 50 години. Сместена е во Домот на култура “Билјана Беличaнец” и работи секој ден од понеделник до петок, од 08 до 16 часот. Годишното членство чини 300 денари, а членството за деца од предучилиштна возраст, како и на лица со посебни потреби или во социјален ризик е бесплатно. Денес библиотеката ја посетија повеќе првоодделенци од ООУ “Круме Кепески” кои добија членски книшки и имаа можност да разгледаат детски изданија кои би сакале да ги читаат. Неколку повозрасни читатели за читање избраа бестселери и му се зaблагодарија нa градоначалникот Ѓорѓиевски, бидејќи им го исполнил ветувањето дадено пред една година дека во близина на нивниот дом ќе имаат библиотека.