Градот Скопје наплаќа и по  51.000 денари данок за две паркинг места

Според пресметката на данок од Град Скопје еден паркинг простор треба да се продава по 500 евра од м2 или за 15 м2 колку што обично е површината на гаражите, градот наплаќа данок на промет од 30.000 до 50.000 денари.

Проблемот со паркирањето во Скопје не е поради тоа што нема слободни паркинг места, туку поради тоа што Градот Скопје пресметува огромни суми за данок, проценувајќи ги паркинзите по 500 евра од м2 во Ново Лисиче, цена која што одговара на м2 за стар стан, а не за паркинг место.

Според пресметката на данок од Град Скопје еден паркинг простор треба да се продава по 500 евра од м2 или за 15 м2 колку што обично е површината на гаражите, треба да платат од 7.500 до 8000 евра за едно паркинг место. Реалната вредност едвај се движи од 100 евра за м2 во Ново Лисиче и 200 евра од м2 во Аеродром. За секое паркинг место градот и општината наплаќаат од 30.000 до 50.000 денари за данок на промет.

Затоа паркинзите не се продаваат, никој од купувачите откако ќе го плати станот и ќе земе кредит за кој со години ќе плаќа камати, не може да издвои уште плус 10.000 евра за гаража и за даноци. Очигледно е дека заложбите на општинските и градските власти за да се среди паркирањето се само празни зборови, бидејќи во реалноста само ги дестимулираат граѓаните во купувањето на паркинг места.

Веќе две години Стопанската комора на Македонија и Сојузот на стопански комори се обидува да им укаже на Градот Скопје и на општините дека проценката што ја прават за гаражите и врз основа на која наплаќаат данок на промет е нереална и ги одвраќа граѓаните од купување на паркинзи. Но институциите, откако прво си ја префрлаа топката меѓусебе, сега чекаат од Министерството за транспорт и врски да изготни нова проценка, постапка која трае повеќе од една година. Градот и општините не преземаат ништо за да направат промена и да ги усогласат нивните проценки со реалните, пазарните цени на гаражите. Само тогаш ќе им поверуваме дека сакаат да направат ред со паркирањето и дека не сакаат зелените површини околу зградите да се уништуваат, туку да се користат за уживање и рекреација од страна на станарите.