Градот Скопје не доби лиценца, БЕГ ќе ја доврши грејната сезона

За две-три недели ќе има конечен став во однос на постапката за издавање лиценца за топлинска енергија на Град Скопје, што сега е запрена. Сегашниот снабдувач БЕГ ќе продолжи да работи оваа грејна сезона.

Ова го соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

– Постапката е запрена. Добивме податоци од Град Скопје, се обративме и до Владата и во текот на наредните две-три недели ќе ги разгледаме сите информации и ќе донесеме конечен став за постапката за издавање лиценца. Како и да е скопјани треба да бидат безгрижни БЕГ оваа сезона ќе продолжи да си работи и ќе нема промени во текот на грејната сезона – рече Бислимовски.

Тој најави дека по завршување на грејната сезона ќе има конкретни податоци од операторот на дистрибутивниот систем за бројот на потрошувачите кои повторно се вратиле во системот.