Градот Скопје ќе вложи 25,5 милиони денари за обнова на средните училишта

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во вторникот изврши увид во градежните работи за реконструкција на фасадата и на фискултурната сала на СУГС „Михајло Пупин“ и притоа најави дека градските власти летово ќе вложат над 25 милиони денари за обновување на средните училишта на територијата на главниот град.

„Реконструкцијата на објектите на средните училишта е меѓу приоритетите на Град Скопје, за да се подобрат условите во кои учат средношколците и во кои работи наставниот кадар, за да се исполнат стандардите за енергетска ефикасност и за да се подобри функционалноста и изгледот на училишните објекти. Нашите екипи во текот на овој летен распуст изведуваат градежни работи за реконструкција на објектите и на спортските сали на 13 средни училишта на Град Скопје. За овие градежни зафати Градот Скопје ќе одвои вкупно околу 25,5 милиони денари. Значајно е да се нагласи дека Градот Скопје во изминативе години посветено работеше на обнова на училишните објекти и во периодот од 2010 до 2017 година за таа намена вложи околу 214 милиони денари или околу 3,5 милиони евра, а ги отстранивме и сите штетни азбестни покриви од училиштата што претходно беа покриени со азбестни плочи“, рече градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека деновиве се врши реконструкција на дел од северната фасада на СУГС „Михајло Пупин“ и реконструкција на фискултурната сала во ова средно училиште.

„Дел од фасадата на ова училиште се обложува со плочи од стиропор со дебелина од 10 сантиметри, за да се постигнат стандардите за енергетска ефикасност. Дополнително, во СУГС „Михајло Пупин“ се реконструира и фискултурната сала, односно се заменуваат прозорците, се санираат спортските реквизити, се молерисуваат внатрешните ѕидови, а ќе се изработи и термоизолациска фасада. Во училиштето се уредуваат и работилници за поефективна практична настава на учениците. Денеска имавме можност да ја погледнеме реновираната лабораторија по електротехника во која учениците ќе имаат можност преку интерактивни алатки и имплементација на виртуел-ните мерни системи да се стекнат со врвни знаења што ќе бидат вреднувани на пазарот на трудот. Нашата цел е стручните средни училишта да бидат што поатрактивни за учениците зашто овие струки се барани на пазарот на трудот“, нагласи градоначалникот Трајановски.

Според планот, во текот на ова лето градежни зафати ќе се одвиваат во уште 12 средни училишта и тоа: во СУГС „Зеф Љуш Марку“ – замена на покрив; во СУГС „Марија Кири Склодовска“ – подови во лабораторијата; во СУГС „Боро Петрушевски“ – подови и санитарни јазли; СУГС „Браќа Миладиновци“ – внатрешни врати; СУГС „Цветан Димов“ – прозорци; СУГС „Здравко Цветковски“ – фасада; СУГС „Георги Димитров“ – обнова на дворна површина; СУГС „Лазар Танев“ – подови; СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ – обнова на покрив, дворна површина и подови; СУГС „Васил Антевски Дрен“ – столарија и тоалети; СУГС „Арсение Јовков“ – фасада и во СУГС „Јосип Броз Тито“ – столарија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.