Градското дерби меѓу Евертон и Ливерпул сепак на „Гудисон“

Донесена е конечна одлука каде ќе се одигра градското дерби меѓу Евертон и Ливерпул, кое на распоредот е на 21-ви јуни, а специјалната комисија која ја основале градските власти на Ливерпул одлучила најновото издание на „Мерсисајд дерби“-то да се одигра на стадионот на „сината“ половина на градот, на „Гудисон Парк“, пренесува BBC.

Имено, Ливерпул уште на овој меч би можел да ја потврди титулата шампион на Англија очекувана 30 години, па се појави стравување дека пред стадионот би можело да се собират мноштво навивачи, што би претставувало голем здравствен ризик, имајќи предвид дека Велика Британија е меѓу земјите кои се најмногу погодени од пандемијата на новиот коронавирус.

Поради тоа беше предложено дуелот Евертон – Ливерпул да биде одигран на неутрален терен, во Саутемптон. На крајот, се чини, дека пресудило ветувањето на здруженијата на навивачите на двата клуба дека нема да има масовно собирње, па специјалната комисија дала дозвола мечот да се одигра на „Гудисон Парк“.

Англиската Премиер лига продолжува на 17-ти јуни, кога второпласираниот Манчестер Сити го пречекува Арсенал, и доколку „Граѓаните“ бидат поразени од „Топчиите“, фудбалерите на Ливерпул четири дена подоцна со победа над Евертон ќе ја обезбедат шампионската титула, бидејќи имаат 25 бодови предност во однос на второпласираниот Манчестер Сити.

Сите натпревари од Премиер лигата ќе се играат пред празни трибини.