Граѓанскиот сектор бара допрецизирање на Законот за ДДВ

Законот за Данок на додадена вредност е недефиниран во делот за физичките лица. Ваков заклучок донесоа дел од невладините организации кои работеа на истражување поврзано со примената за ова законско решение. Законот за ДДВ во моментов не овозможува правна примена на одредбите за оданочувањето на физичките лица и со тоа го поткопува владеењето на правата, сметаат од граѓанскиот сектор. Побараа од Владата во законот да се допрецизира што се подразбира под поимот „стопанска дејност“. Дополнително сметаат дека е добро  да се воведе и регистар на физички лица кои се ДДВ – обврзници со посебен акцент врз авторските договори.

Во Законот за додадена вредност во член 6 пишува дека предмет на оданочување со ДДВ ќе биде преносот на авторски права, патенти и лиценци. Значи не пишува дека создавањето на авторското дело е промет, туку преносот на правото, рече Борче Смилевски, Центар за даночна политика.

Освен за текстот на моменталниот закон за ДДВ, невладините имаа забелешки и за работењето на УЈП. Проблемот кој го лоцираа е од административен и бирократски карактер. Една од препораките е да се изготви правилник за услугите кои ги даваат физичките лица кои се занимаваат со таканаречените слободни професии кои остваруваат промет и кој се оданочува со ДДВ.

И политичкиот естаблишмент мора да разбере. Тоа е таа квалитативна разлика која ќе го помести општеството кон општ амбиент за развој на економијата. Суштинската разлика, кога тие ќе разберат дека тие треба да бидат сервис на даночните обврзници, рече Маријан Николов, Центар за економски анализи.

Законот за ДДВ започна да се применува на стартот на 2000-та година. Петнаесет години подоцна властите решија и граѓаните кои имаат дополнителен годишен приход од над еден милион денари да се регистрираат како ДДВ-обврзници. Информациите од УЈП велат дека во земјава има над 1.500 граѓани  кои годишно заработуваат над еден милион денари дополнителен приход од платата или пензијата и плаќаат ДДВ идентично како и компаниите.